Мицкоски: Потребни се избори, за да имаме влада избрана од народот, ова е влада каде Али е стопанот, а Ковачевски послушник, кој не е избран од народот
Во таа влада поголем фактор е ДУИ отколку СДС и нормално е дека ќе каже Ковачевски тоа што сака Али Ахмети да го слушне, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговорајќи на новинарско прашање како ги коментира изјавите на Димитар Ковачевски дека идејата за влада против ДУИ е лоша работа.
Мицкоски опишувајќи ја владата на ДУИ и СДС го нарече Ахмети стопан, а Ковачевски послушник, бидејќи како што рече се што сака Ахмети да слушне, тоа го кажува Ковачевски, нагласувајќи дека Ковачевски не е избран од народот и затоа е послушник на претходникот кој што го поставил на таа позиција, како и на Ахмети кој што му овозможува ден повеќе да остане во фотелјата и да ги ужива привилегиите кои ги црпи од граѓаните и државата.
Ако сака Али Ахмети ова да го слушне, тогаш тоа ќе го каже Ковачевски. Така што таму отприлика така функционираат работите се знае кој е стопанот, а кој е послушникот. Во овој случај Али е стопанот, а послушникот е Димитар Ковачевски. И тоа што ќе му каже Али, тоа ќе го изјави Димитар Ковачевски. Човекот во политиката е поставен, не е избран, и луѓе кои што се поставени можат да ја имаат таа политичка матрица, да слушаат претходно тој кој што го поставил, а сега тој кој што му овозможува ден повеќе да остане во фотелјата за да може да ги ужива привилегиите кои што ги црпни на сметка на граѓаните и на сметка на државата. Тоа е суштината за неговото политички функционирање и мислам дека тоа е многу лошо, изјави Мицкоски.
Според претседателот Мицкоски предвремените парламентарни избори се повеќе од неопходни се со цел да дојде влада која ќе биде избрана од народот и ќе работи за интересите на народот.
Затоа ќе повторам потребни се предвремени парламентарни избори час поскоро за да дојде влада која што ќе си ја избере народот и влада која што ќе работи за интересите на народот, рече Мицкоски.