АВМУ со остра реакција до Ковачевски: Премиерот да се воздржи од искажување лични ставови за медиумите
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги остро реагира на етикетирањето на уредувачката политика на одредени медиуми од страна на премиерот Димитар Ковачевски и потенцира дека носителите на јавни функции треба да се воздржат од искажување лични, субјективни ставови со кои се поткопува слободата на медиумите.
-Носителите на јавни функции треба да бидат свесни за одговорноста што ја имаат и за тежината на секој нивен јавно искажан збор. Наместо да употребуваат наративи со кои се дискредитираат и се врши притисок врз медиумите, тие треба да бидат пример за одговорно и професионално однесување, се вели во соопштението.
Истовремено, Агенцијата потсетува дека улогата на медиумите е да информираат и да отвораат прашања кои се предмет на јавен интерес, поради што сите релевантни чинители во државата треба да вложат максимални напори за обезбедување поволен амбиент за јакнење на слободата на медиумите и на уредничката независнот и самостојност.