Ковачевски: Цените на основните производи се намалени до 10 проценти, тоа може да се види насекаде
Цените на основните прехранбени производи се намалени до 10 проценти и тоа може да се види насекаде. Кај месните производи има намалување од пет до 12 проценти, а доколку се погледнат месечните стапки на инфлацијата може да се забележи дека два месеци по ред таа се намалува. Ова значи дека мерките кои Владата ги презема вродија со плод, изјави вчера премиерот Димитар Ковачевски одговорајќи на новинарско прашање.
Ковачевски посочи дека Владата мерките ги носи во координација со стопанските комори и со претставниците на сите сектори во рамките на стопанските комори, односно производителите на основни прехранбени производи.
Како што рече, тие добиваат субвеницонирана цена на електрична енергија од 80 евра за мегават час, што е за неколку пати помала цена на електрична енергија од она што го купуваа на берзата претходно.
-Меѓутоа, цената на струјата, односно струјата, е еден влезен параметар во финалната цена, а на цената на струјата влијае и зголемената цена на суровините на светските берзи, тука пред се мислам на месото, млекото, житото..Свесни се и компаниите дека државата во рамки на своите можности прави максимум што може за да им помогне, бидејќи давањето на електирчна енергија од 80 евра по мегават час кога цената на електирчна енергија беше и 500 евра за мегават час значи финансиски издаток за државата со цел да имаме намалување на цените, потенцираше Ковачевски.
Доколку се погледнат месечните стапки на инфлацијата, Ковачевски рече дека два месеци по ред стапката на инфлацијата се намалува, а годишната инфлација со која ја завршивме годината е на нивото со другите европски држави
-Нормално дека државата носи мерки. Ние го продолживме ограничувањето на маржите, но за дополнителни фискални олеснувања во моментов не се разговара. Тоа не значи дека во иднина нема да се разговара, но мора да се внимава и на буџетот. Буџетот има своја приходна и расходна страна. Ако постојано ја зголемуваме расходната страна а ја намалуваме приходната страна, тоа ќе се одрази негативно врз други параметри на буџетот, додаде Ковачевски.