Николоски ексклузивно за Канал 5: Владата ја одби помошта од ВМРО-ДПМНЕ да се набави гас по фиксна цена од 850 евра за цела 2023, а набавувале и за 1950 евра
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во вечерашното гостување во емисијата „Само вистина“ на ТВ Канал 5 ексклузивно откри дека владата на СДСМ и Ковачевски, ја одбила помошта на ВМРО-ДПМНЕ за набавка на гас по фиксна цена од 850 евра за 1000 метри кубни и тоа за цела 2023 година, а набавувала дупло поскап гас односно 1950 евра за 1000 метри кубни, посочувајќи дека не се ни знае дали од први јануари граѓаните на Скопје ќе има гас за греење.
Не можам да прифатам да се обидува некој да помогне, а на таа помош не се возвраќа. Еве сакам да споделам една работа ексклузивно вечерва со вас. Знаете дека ВРМО-ДПМНЕ зборуваше изминатиот период дека може да се набави или да се купи поевтино гас за Скопје за греењето на Скопје, ако сакате тоа да се рашири и за компаниите и за производство на електрична енергија. Во моментот ние сме во ситуација во која што не знаеме дали после први јануари ќе има воопшто гас, после политиките кои што ги води оваа влада и каде што главниот снабдувач со гас вчера кажа дека нема после први јануари да оперира, тој гас кој што доаѓа сега е по исклучително скапи цени. Еве пред мене имам колку набавувал ТЕ ТО како компанија и по која цена набавувал БЕГ кога го грееше Скопје, конкретно се однесува на оваа 2022 година. Просечна цена по која што е набавувано е 1569 евра за 1000 метри кубни, а владата набавуваше и по 1950 евра за 1000 метри кубни. Од контактот кој што го обезбеди ВМРО-ДПМНЕ, владата доби понуда за фиксна цена за цела 2023 година од 850 евра за 1000 метри кубни. Значи внимавајте од едната страна зборуваме за 850 евра, а друга страна зборува за 1950 евра што кога ќе се помножи со количината е заштеда од стотици милиони евра. И оваа понуда не е прифатена од владата, ги играа луѓето, дојдете вторник, четврток дадете ваква понуда, дајте онаква понуда за да можат да си ги тераат личните бизниси. И еве сега слушаме шпекулации во јавноста дека има две бугарски а една турска фирма кои што ќе ангажираат за набавка на гас, вели Николоски.
Чисто за да имате споредба, тоа преведено во цена за мегават час е 77 евра по мегават час, а за цела следна 2023 година под услов сега да купите на Хупекс како релевантна берза цената е 95 евра по мегават час, значи далеку поевтино од тоа што е предвидена цена за следната година. Значи имате тука понуда далеку поевтина од тоа што Македонија купува гас во моментот и таа понуда не се прифаќа, дециден е Николоски.
Николоски истакна дека не познава ниту една друга опозициска партија која нуди помош за граѓаните, а владата тоа го одбива потенцирајќи дека единствено одговор зошто одбива помош е всушност да може да прави криминал и корупција.
Не знам друга опозиција која што сака да и помогне на власта, не знам друга опозиција која што се труди да има поевтина електрична енергија, не заради власта, туку заради граѓаните и власта тоа да го одбива. Единствен одговор е криминал и корупција, смета Николоски.