Последен ден од расправата по Дополнетиот предлог буџет за 2023
Собранието денеска се очекува да го донесе Дополнетиот предлог буџет за 2023 година, кој е на дневен ред на 97. пленарна седница. Денеска е петиот, последен ден за дебата за Буџетот за следната година.
Пратениците дебатираат по Дополнетиот предлог буџет за 2023 година во којшто се вградени прифатените амандмани во собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Пратениците од опозицијата и за време на вчерашната дебата посочија дека буџетот е преобемен и инфлаторен и со него дополнително ќе се зголеми дефицитот и јавниот долг. За власта, буџетот е развоен, насочен кон макроекономско заздравување и е одговор на енергетската криза, со поддршка на граѓаните и стопанството.
Растот во Предлог-буџетот за 2023 година е проектиран на 2,9 отсто, а инфлацијата на 7,1 отсто. Вкупните приходи се планирани на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП. За капитални расходи се планирани 48,9 милијарди денари или за околу 52,3 отсто повеќе во однос на планот за 2022 година.
На дневен ред на 97. седница се и Предлог на закон за задругите и Предлог на одлука за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Северна Македонија и заради заштита на јавното здравје од илегална миграција во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација за вирусот ЅАРЅ-Со\/-2 и спречување од негово ширење, со кои се загрозува безбедноста, здравјето и имотот на населението.