Али Ахмети: Дадов сè од мојот живот за независност за Косово и не се пазарам за неговите граници
Лидерот на ДУИ вели дека не се пазари за границите на Косово затоа што “тие парчиња земја се крвта на неговата крв“.
Неговата изјава доаѓа откако тој вчера во анализа објавена од Академијата на науките и уметностите на Косово беше апострофиран како еден од лидерите на македонските Албанци кој мирно би прифатил поделба на Косово.
„Без разлика на изјавите или анализите што се прават дека наводно сум бил за промена на границите на Косово, јас уште како млад дадов сè од мојот живот за таа независност и за тие граници на Косово и не се пазарам за тие парчиња од земјата што е крвта на мојата крв и крвта на моите пријатели“, вели Ахмети, пренесува Алсат ТВ.
Документот од косовската академија, за кои во медиумите во Косово и регионот се водат жестоки полемики, се состои од 39 страници и во него се зборува за идејата за поделба на Косово.
Според анализата насловена „дестабилизирачки намери на Србија на Косово и на Западен Балкан“, Али Ахмети бил до некаде резервиран околу идејата за прекројување на границите, која во 2018 година беше актуализирана од поранешниот претседател Хашим Тачи. Ахмети целата оваа иницијатива на Тачи ја опишал како „медиумска дебата“, нагласувајќи дека е потребна демаркација на границата со Србија. Академијата дури го обвинува Ахмети и за дефакторизирање на Албанците во Македонија после Договорот од Преспа. Во анализата се вели дека Албанците веќе не се релевантни, особено во надворешната политика, иако во моментов министер за надворешни работи е Бујар Османи.