Собранието ги донесе измените на законите за јавни претпријатија и за осигурување во случај на невработеност
На денешната 95. Седница, Собранието ги донесе дополнетиот Предлог-закон за техничките барања за производите и оцена на сообразност, предлог-законите за изменување на Законот за јавните претпријатија и на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, како и Предлог-законот за претворување на побарувањата на Република Северна Македонија по основ на платени обврски кон странски кредитор во траен влог во јавното претпријатие „Колекторски систем“.
По ова, претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата и најави дека за нејзиното продолжување ќе извести дополнително.
Претходно, Собранието го утврди дневниот ред на 95-тата седница, но расправата од првата точка до шеста точка беше одложена, бидејќи, како што нагласи Џафери, не се исполнети услови да се отвори дискусија по нив, па тие ќе се разгледуваат кога за тоа ќе има услови.
Од дневниот ред беше тргната точката што се однесува на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести на барање на пратеничката Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ, која образложи дека овој предлог на закон е двосмислен, непрецизен, избрзан и со злоупотреба на европско знаменце. Нејзиниот предлог беше прифатен од мнозинството пратеници.
Беше прифатен и предлогот на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ангелинка Петкова да за стави на разгледување на 95-та седница на Предлог-законот за изменување на Законот за социјална заштита, по скратена постапка, кој се однесува на остварување право на личен асистент за лицата над 65 години со тешка попреченост и потполно слепи лица.