Сали: Сите сме дел од општество и сносиме одговорност во случај на епидемија

Предложените измени на Законот за заштита на населението се направени во врска со последната пандемија на КОВИД-19, во која сè уште се наоѓаме. Ова значи дека сите одлуки што се носеа од страна на Владата за изолација и одредување мерки сега ќе имаат и правна основа со закон. Со овој степен на пандемија, како што е во моментов нема да се бараат сертификати, бидејќи нема ризик кон општото здравје за граѓаните, изјави министерот за здравство Беким Сали и појасни дека доколку не се појави епидемија не се наметнува никакво ограничување.

Во одговор на новинарско прашање на денешната конференција на тема „Преку стратешко управување со погрешни информации и квалитетно медиумско известување, до поголема доверба во вакцините“, тој истакна дека измените не се насочени кон граѓаните кои не сакаат да се вакцинираат, но ги известуваат оти „невакцинирањето по автоматизам не е право за движење каде било и кога било“.

– Сите ние сме дел од општество за кое сносиме одговорност, додаде министерот.

На прашањето дали доколку поминат законските измени во Собрание и се појави епидемија на морбили, невакцинираните деца нема да одат на училиште, Сали изјави дека повторно ќе зависи од одлуката на Комисијата за заразни болести (КЗБ).

– Доколку КЗБ утврди дека одредена група на деца би биле ризик за себе и за останатите деца, секако дека ќе се донесе една таква одлука, вели министерот.

Сали посочи дека сите мерки што досега беа преземени за време на КОВИД-пандемијата се донесени како предлог на Министерството, а врз основа на препораки на КЗБ, се привремени, додека сега ќе бидат законски поткрепени.