Рашковски: Ајде по процедури да видиме кој е корумпиран, а не со сила и од позиција на моќ
„И осудени и ослободени и обвинети и осомничени и позиција и опозиција и неопределени, па дури и исселени, се радуваме на доаѓањето на тимот од САД кој треба да ни помогне да се справиме со корупцијата. Таа радост е поразителна за начинот на функционирање на системот повеќе од 30 години, но ќе се радуваме уште повеќе ако покрај луѓе и опрема, ни бидат предложени и ПРОЦЕДУРИ“, вели поранешниот Генсек на Владата, Драги Рашковски и обвинет во случајот „Софтвери“, Драги Рашковски во својот редовен викенд допис до медиумите.
„Процедурите постојат за да им дадат објективна форма и насока на сложените процеси затоа што тие процеси немаат природни својства да ја спознаат нашата намера.
Нема сомнеж дека најдоброто околу процедурите и правилата можеме да го очекуваме од САД затоа што нивниот правен систем во голема мера почива на Федерални правила (англ. Federal Rules) кои дефинираат основни правни правила и принципи.
Еве еден пример:
Случајот бр. 19‐2853 – СОЕДИНЕТИ АМЕРИКАНСКИ ДРЖАВИ против ЛАНС А. ВЕРЛ, жалителот Ланс А. Верл се жалел пред Апелациониот суд на САД за седмиот округ дека првостепениот суд дозволил како форензичар да се јави лице кое не е вештак, при што нагласил дека првостепениот суд го злоупотребил своето дискреционо право затоа што дозволил лице кое не е вешто лице да изнесува форензички наоди.
АПЕЛАЦИОНИОТ СУД НА САД ЗА СЕДМИОТ ОКРУГ УТВРДИЛ ЗЛОУПОТРЕБА НА ДИСКРЕЦИОНОТО ОВЛАСТУВАЊЕ НА ПРВОСТЕПЕНИОТ СУД И НАПИШАЛ:
Процесот на форензичко испитување спаѓа во делокругот на Правило 702 (Сведочење на вештаци) доколку опфаќа „специјализирано знаење кое ќе му помогне на судечкиот судија да ги разбере доказите или да одреди факт или проблем.“ Федерално правило за докази 702; видете и Дуаберт против Мерел Доу Фарм Инк (Daubert v. Merrell Dow Pharm., Inc., 509 U.S. 579, 589–91 (1993)).
Процесот на форензичко испитување во овој случај го вклучува Правилото 702 затоа што Вимерсберг (полицискиот детектив) сведочела за техничките концепти над вообичаеното знаење. За време на нејзиното директно испитување, ја прашале: „На кој начин спроведувате форензичко испитување на уред?“ Таа најпрво го објаснила користењето на „блокатор за пишување“ (англ. write blocker), алатка која овозможува пристап до податоци, истовремено зачувувајќи го интегритетот на одземениот уред. Потоа ја објаснила употребата на софтвер за екстракција на податоци. Таа ја опишала и доверливоста и безбедноста на софтверот кој спречува какво било менување на оригиналните податоци, а претставила и други технички концепти како хешови (кои конвертираат една вредност во друга и може да постават интегритет) и мета-податоци (податоци кои даваат информации за други податоци).
ПОНАТАМУ АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ВО СВОЈАТА ПРЕСУДА НАПИШАЛ:
Признаваме дека не секое сведочење за употребата на „техничка“ опрема го вклучува Правилото 702. Одредени употреби се вообичаени во денешно време. Но дури и во случај кога лаик го разбира сведочењето на службеник за еден од тие концепти изолирано, објаснувањето за тоа како тие функционираат заедно за да се зачуваат информациите и интегритетот на податоците навлегува во делокругот на Правилото 702. Затоа заклучуваме дека сведочењето на Вимерсберг во однос на техничките аспекти на форензичкото испитување претставува „специјализирано знаење“ според Правилото 702. Признавањето на нејзиното специјализирано знаење без таа формално да се квалификува како вешто лице претставува злоупотреба на дискреционото право за одлучување.
КОЛКУ СЛУЧАИ НА СВЕДОЧЕЊЕ НА ЛИЦА КОИ НЕ СЕ ВЕШТАЦИ, А СУДОТ ГИ ТРЕТИРАЛ КАКО ВЕШТАЦИ ИМАМЕ КАЈ НАС ВРЗ ОСНОВА НА КОИ Е ДОНЕСЕНА СУДСКА ОДЛУКА?
И не само тоа. Туку:
– Дали е чин на корупција ако обвинителка бара политичка заштита по братска линија за своите недела?
– Дали е чин на корупција ако Антикорупциска намерно отвора случаи заради свој публицитет иако знае дека нема елементи за гонење и не ги испочитувала сите потребни процедури?
– Дали е чин на корупција ако судија не дава на увид предмет со кој е одобрен претрес?
– Дали е чин на корупција доколку владин функционер под закана од обвинителка не доставува одлучувачки документи и после три поднесени барања?
– Дали е чин на корупција кога обвинителка крие докази од судот?
– Дали е чин на корупција ако обвинителка „заборави некој во притвор“?
За сите овие прашања постојат правила кои, независно чии се, се само одраз на општата логика и опстојуваат и надвор од формално донесените правни акти.
Според тоа, согласно истите, ќе видиме кој е корумпиран, а кој бил и е борец против корупцијата“, пишува Рашковски.