Мицкоски на средба со канадскиот амбасадор Џајлс Норман
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со потпретседателот на партијата Тимчо Муцунски денеска остварија средба со Џајлс Норман Амбасадор на Канада во Република Македонија.
На средбата се разговараше за актуелната политичка и економска состојба.
Мицкоски ја истакна загриженоста од високиот степен на криминал и корупција во државата и слабиот капацитет од страна на владата на СДСМ за борба против организираниот криминал, укажувајќи дека изминатите 6 години откако владее СДСМ државата тоне во криминал, а за тоа говорат и фактите дека високи владини функционери се обвинети за незаконито делување и крадење на државни пари.
Во однос на македонската економија, Мицкоски посочи дека економијата е пред целосен колапс а за тоа е директно виновна и одговорна владата на Димитар Ковачевски и СДСМ, бидејќи наместо да понуди добри економски политики кои ќе значат спас за државата и граѓаните од сиромаштија, нудат нереални и задоцнети мерки.
Мицкоски се заблагодари на досегашната поддршката и соработка, потенцирајќи дека ВМРО-ДПМНЕ како нов предводник на новата влада ќе продолжи со интензивна соработка и натамошно унапредување на билатералните односи помеѓу двете земји.