Бугарско МНР: Сите јавни изјави што ја навредуваат или провоцираат другата страна се апсолутно неприфатливи

Бугарија отсекогаш настојувала да ги зајакне и продлабочи пријателството и добрососедските односи со Северна Македонија. Бугарија вложи многу труд за да ја реализира оваа цел во последните години, се наведува во соопштение на бугарското Министерство за надворешни работи.

Како што пренесува дописникот на МИА од Софија, во оваа насока Министерството за надворешни работи на Бугарија нагласува дека секакви јавни изјави со кои се навредува или провоцира другата страна се апсолутно неприфатливи. Тие, се посочува, не го претставуваат официјалниот став на бугарската држава и обидите да се претстават како такви се неточни и знак на лоша волја.

Без оглед на бројните провокации против Бугарија и особено кон Бугарите во Северна Македонија во последните месеци, бугарското Министерство за надворешни работи смета дека ваквиот говор е неприфатлив и крајно контрапродуктивен.

-Ваквите изјави не се во интерес на Бугарите во Северна Македонија. Тие го одвлекуваат вниманието на јавноста од правичниот и легитимен стремеж на бугарската заедница за еднакви граѓански права, особено за слободно здружување и одбрана на нивното културно и историско наследство, се наведува во ставот на Софија.

Согласно духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година меѓу Бугарија и Република Северна Македонија, тие ги повикуваат политичарите и јавните личности од двете страни на границата да ги насочат своите напори и пораки за поддршка на процесот на обновување на довербата и воспоставување добрососедски односи.