За Советот на Благоевград „македонската нација е вештачка, Вапцаров е Бугарин“
Властите на Благоевград сметаат дека отворање на клубот е антибугарска провокација.
„За нас е неспорен историскиот факт дека македонската нација е вештачки создадена од Коминтерната во 1934 година, дека нејзината единствена причина за постоење била да им служи на интересите на болшевичката партија и на Советскиот Сојуз и за целите на туѓа држава. Историски факт е дека до крајот на Втората светска војна термин како „македонска нација“ не се среќава во ниту еден бугарски историски извор, па ни во оние од поранешна Југославија. Терминот се појави со создавањето на Социјалистичка Република Македонија во границите на поранешна Југославија и како резултат на насилното наметнување на политиката на ‘културна автономија’ во Пиринско“, пишува во решението.
Советниците на Благоевград „групата граѓан која се дефинира како малцинство и се чувствува угнетено“ ја упатува да се обрати до судските органи и да побара правна заштита според бугарското и европското законодавство.
„Уште повеќе, за нас како Бугари и жители на Пиринска Македонија е крајно голема навреда и провокација еден голем бугарски поет, каков што е Никола Јонков Вапцаров, да наметнува туѓа национална самосвест. Сметаме дека сите дејства за создавање на организација во која група луѓе се дефинираат како ‘малцинство’ во рамките на нашата национална држава се грубо кршење на Уставот и законите во Република Бугарија каде владее правото.
Исто така, сметаме дека со ваквите провокативни дејства, Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Северна Македонија е грубо прекршен, сите досегашни напори за подобрување на нашите односи со РС Македонија се погазени и нејзиниот пат кон европска интеграција и членство во Европската Унија е попречена“, пишува во решението.
Уште пред отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Македонија имаше инцидент со оштетување на натпсот на клубот со оштетување на буквата М.
За Стојко Стојков, копретседателот на нерегистрираната партија на Македонците во Бугарија ОМО Илинден Пирин, неразбирливо е како тоа Општината Благоевград носи одлука за забрана на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“, а не ги информира основачите. За Бугарија е провокација дека во неа живее и македонски народ, рече Стојков.