Среде КРИЗА владата ГИ ПЛАТИ СОФТВЕРСКИТЕ ЛИЦЕНЦИ ОД РАШКОВСКИ

Владата ја исплати последната голема транша од договорот за софтверски лиценци кој поранешниот генерален секретар Драги Рашковски го склучи со ИТ-конзорциумот Аитоникс/Крејон за околу милијарда денари, или околу 15 милиони евра, непосредно пред да ја напушти функцијата, објави Фактор.

Минатата недела на Крејон Македонија, подружница на норвешка ИТ-компанија, му се исплатени 5 милиони евра, односно попрецизно 308.671.300 денари, објавено е на „Отворени Финансии“. Лани ова време му биле префрлени 284.792.300 денари, а во ноември 2020 првата поголема сума била 259.286.327 денари. Во меѓувреме се исплаќани повеќе помали суми, што вкупната се заокружува на околу милијарда денари.

Софтверските лиценци се исплатени во текот на ковид, енергетската и воено-глобалната криза кои сериозно ја погодија македонската економија.

Рашковски склучи тригодишен договор, а според претходни медиумски објави, тендерот го добил конзорциумот со само 200 евра пониска понуда од конкурентите. За да обезбеди Мајкрософт или еквивалентни софтверски лиценци и сервиси за државните и образовните институции, „Аитоникс“ склучил 56 договори за јавна набавка во вредност од 1.062 милијарди денари. Овој тригодишен договор бил склучен во повторена постапка откако целосно отпаднаа условите за техничка и професионална способност од првата поништена постапка.

Во случајот за кој е поднесен обвинителниот акт за Рашковски се споени два предмети поврзани со спорните набавки на два софтвери – едниот за автоматско казнување за сообраќајни прекршоци и еден за биометриска идентификација.

Рашковски е првообвинет и му се става на товар дека во периодот од јуни 2017 до февруари 2021 како генерален секретар извршил продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и кривично дело перење пари.

Второ и третообвинетиот, како негови надворешни соработници, според Обвинителството, со умисла му помагале во повеќекратното извршување на кривичното дело злоупотребата на службената положба, четвртообвинетиот – сопственик и управител на фирма, пак, му помагал во една јавна набавка. Исто како и четвртообвинетиот, и другите обвинети се гонат за по едно кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувања.

Обвинението опфаќа четири набавки, и тоа на: систем за биометриска идентификација; софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни; ANPR-камери за препознавање регистарски таблички за возила; и на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблички.