На иницијатива на адвокатот Менкиноски регистрацијата на „Цар Борис Трети“ пред Уставен суд

Програмата и статутот на здружението „Цар Борис Трети“ несомнено се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Македонија и разгорување на национална и верска нетрпеливост, пишува во иницијативата на адвокатот Тони Менкиноски поднесена до Уставниот суд за оценка на уставноста на програмата за работа и статутот на здружението од Охрид.

Во иницијативата се посочува и на тоа дека цар Борис Трети бил соработник на Адолф Хитлер што ја придружил Бугарија на Тројниот пакт на нацистичка Германија, фашистичка Италија и Јапонија, за што како награда ги добил териториите на Вардарска, Егејска Македонија и Тракија. Иницијативата е дополнета со историскиот факт дека депортацијата на 11.363 Евреи од Македонија, Тракија и југоисточните делови на Србија во текот на Втората светска војна, била извршена од Бугарија, при што Македонија загубила 7.144 Евреи.

За време на владеењето на цар Борис Трети донесен е акт за промена на македонската националност во бугарска откако фашистичка Бугарија на 19 април 1941 година ја окупирала Македонија.

Менкиноски се повикува и на праксата на Европскиот суд за човекови права која покажала многубројни случаи во кои негирањето на фашизмот и Холокаустот поттикнуваат омраза и нетолеранција. Затоа во иницијативата се бара поништување на програмата и статутот на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид.

Отворањето на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид предизвика големо незадоволство во македонската јавност, имаше протести, а затворање на клубот беше побарано и од од еврејската заедница.

Постави одговор

Your email address will not be published.