Димковски: „Ништо не е изгубено! – Треба да се охрабри и да се обедини македонскиот народ наспроти заканите од Бугарија и ЕУ-емисарите!“
„Денес сме на дното на општеството, уценети, понижени, омаловажени, со највисоки стапки на корупција, непотизам, разурнати институции, погазена правна држава, високи стапки на сиромаштија – потонати во бесперспективност. Македонија е денес е како во времето на владеењето на наркокартелите во Колумбија. Со нашите ‘државници’ стигнавме поблиску до Колумбија отколку до ЕУ“ – вели главниот и одговорен уредник на весникот „Нова Македонија“ Александар Димковски во својата колумна со наслов „Македонски државници или туѓи послужавници“.
Покрај другото, Димковски пишува:
„Сиве изминати години Македонија имаше на раководни функции имаше повеќе туѓи послушници и послужавници отколку вистински македонски државници. Сите тие антимакедонци ги жртвуваа интересите на државата и на сопствениот народ и им слугуваа на туѓи интереси. Овие антидржавници, од премиери, пратеници, министри, разни функционери и раководители на институции, претставници на власта и опозицијата, квазипрофесори, квазиисторичари итн., како на послужавник ги нудеа и тргуваа со македонскиот идентитет, македонското име, македонското знаме, македонската историја“.
Но не е сѐ толку лошо и не е сѐ толку црно. Мнозинството од македонскиот народ, демократската и напредна јавност, интелектуалците и мислечките луѓе во државата не се помируваат и не ги прифаќаат уцените и погубните предлози на штета на државата.
Денес многу подржавнички и промакедонски ставови застапуваат македонски академици, црковни лица и владици, професори, историчари, правници, новинари, лингвисти. Со своите научно фундирани тези, издржани анализи по значајни прашања, тие многу повеќе се борат и се залагаат за Македонија, отколку оние што се назначени да го прават тоа. Тоа поттикнува и охрабрува дека не е сѐ изгубено. Оти Македонија има потенцијал да се избори со сите предизвици. Дека не смее да се попушти и отстапи пред уцените и оти вистината и правдата сепак ќе победат.
Многу подржавнички став во одбрана на вистината и интересите на Македонија искажа еден странец отколку Министерството за надворешни работи, или вицепремиерот во Владата. Холандскиот експерт за Западниот Балкан Ханс ван ден Берг категорично појасни дека ‘не постои ’северномакедонски‘, туку има само македонски идентитет и ова го знае секој студент од прва година на балкански студии’. Но, Бујар Османи, вицепремиери како Артан Груби и други функционери веднат глава и премолчуваат кога некој ги ословува како северномакедонци. Затоа тие никогаш не можат да бидат државници. Може да се искористат само како туѓи послужавници.
Не смеат да се премолчуваат обидите за искривување на вистината, за негирање на историските факти. Треба веднаш и категорично да се отфрлат сите подли, ниски удари, негирања или уцени, кои доаѓаат било од Бугарија или од некои европски емисари. Треба да се покажат карактер и став во однос на заштитата на македонските национални интереси. Тоа е државничко однесување.
Тоа го очекуваат граѓаните од своите избраници, без разлика дали се од власта или од опозицијата. Оти, на странските емисари кои што доаѓале и кои што ќе доаѓаат во Македонија, воопшто не им е грижа што и колку ќе изгубат македонскиот народ и држава. Ова се однесува и на Метју Нимиц, кој наводно, го реши долгогодишниот спор за името. А дали навистина е решен? Напротив. Прашањето за името и идентитетот сега е уште повеќе продлабочено и заплеткано. Ако беше решено, зошто сега ни ги преименуваат идентитетот и сѐ што ќе стигнат.
Затоа на Македонија сега, повеќе од кога и да е, ѝ требаат вистински државници. Да го охрабрат и да обединат народот. Но истовремено да ги разбудат и да ги потсетат Европа и светот на вистинските вредности, на принципите на меѓународното право, на историската вистина, на сувереноста и посебноста на македонскиот народ. Тие факти и таа историска вистина никој не може да ни ги одземе, да ни ги ускрати, или да ги преиначи.“