Митева: Богата влада – сиромашен народ, бизнисите во Македонија плаќаат и до 100% поскапа струја во однос на земјите од регионот

„Власта повторно удри по џебот на граѓаните. Најголемиот број од домаќинствата и бизнис секторот ќе плаќаат поскапа струја од декември. И непобитен факт е дека Македонија е со години во криза, а сите кризи се резултат на неспособноста на оваа власт на СДСМ, поради нивните тендери во 4 очи и поради тоа што со покачувањето на цената на електричната енергија СДСМ овозможува само личен екстра профит“, изјави на денешната прес конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Таа истакна дека со владата на Ковачевски, бизнисите во Македонија плаќаат и до 100% поскапа струја во однос на земјите во регионот.

„Според официјалните податоци на ЕУРОСТАТ за 2021 година за цената на струјата која ја плаќаат малите и средните бизниси со потрошувачка од 500 до 2000 мегават часови се гледа дека бизнисите во Македонија плаќаат и до двојно поскапа струја во однос на бизнисите од регионот. Имено, во 2021 година фирмите во Македонија плаќале за 82% поскапа струја од нивните колеги во Црна Гора, за 38% поскапа струја од бизнисмените во Србија, за 66% во однос на турските, за 70 во однос на босанските, за 98% во однос на косовските, за 12% во однос на хрватските и за 18.5% во однос на словенечките. Ова е доказ дека македонските фирми плаќаат најскапа струја во регионот, и тоа е пред се последица на криминалот и неспособноста на владата. Го намалија производството на Енергетскиот сектор во Македонија скоро двојно. ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше, сите овие години наназад, јавно и недвосмислено потенциравме дека со повисоката цена на струјата приватна компанија ќе се обогатува, а граѓаните ќе осиромашуваат. Протестиравме, алармиравме дека се склучуваат тендери во 4 очи. Прво крадеа од тендери, па потоа крадеа струја од околните држави. Алармиравме за високата маржа за универзалниот снабдувач, побаравме да го намалат данокот на додадена вредност наместо 18% да биде 5%“, појасни Митева.

Портпаролката посочи дека наместо тоа, власта предводена од СДСМ манипулирала, ја лажела јавноста дека се донесени мерки за заштеда на струја, дека домашното производство е зголемено, дека имаат полн капацитет на РЕК Битола додека имаа само еден функционален блок, тврделе дека ги обезбедуваат домаќинствата по цена пониска од цената на струјата на берзите и велеа, поскапување на цената на електричната енергија нема да има.

„СДСМ со своето неделување, криминал и неспособност сега допринесува истата ситуација да продолжи и следната година. Ветуваа повеќе пари во секое семејство, донесоа сиромаштија. Ветуваа повисок животен стандард, иницираа енормно висока инфлација. Врвните приоритети од кои СДСМ не отстапува се – богата влада, сиромашен народ“, додаде таа.