Тивко и подмолно, Владата го скрати бројот на часови по Македонски јазик

„СДСМ заедно со ДУИ преку новиот план за основно образование го кратат фондот за настава по Македонски јазик во основното образование“, алармира проф. Весна Јаневска.

„Ве потсетуваме на трагикомичната реформа на Мила Царовска за основно образование, наречена Концепција. Министерот Јетон Шаќири и покрај неприфаќањето на Концепцијата од најрелевантните институции и широката наставничка јавност упорно решил да ја спроведува. Во врска со тоа СДСМ и нивните коалициони партнери направија нов катастрофален потег. Тивко и подмолно забиваат нож во грб, како што им доликува на предавниците кои за жал, отсекогаш ги имало на ова поднебје низ историјата“, рече Јаневска.

На прес-конференција таа отрки дека на 12 јули, додека народот се противи на францускиот предлог и додека траат масовните протести на улиците, токму поради јасните последици по македонскиот идентитет, министерот за образование и наука, кадар на ДУИ усвојува нов наставен план за основно образование, со кој изучувањето на македонскиот јазик во второ одделение се намалува од 6 на 5 часови неделно.

„Ова е само почеток на промените, кои според Концепцијата, ќе се воведат и во другите одделенија, етапно во секоја следна учебна година. Сега на сите им е јасно зошто толку оспоруваната концепција требаше да биде прифатена, а и спроведена. Ненародната власт на СДСМ и ДУИ, прави силни напори да се додвори на Бугарија и презема активности што секако, одат на штета на Македонците и македонскиот идентитет.

Дали премиерот Ковачевски како Македонец со бетониран идентитет чувствува некаква грижа и болка тоа што идните поколенија, освен што ќе треба да изучуваат изобличена и неточна историја напишана во учебниците по мерка на Бугарија, ќе имаат и помалку часови да му се посветат на својот мајчин јазик?

Како со овој потег се заштитува македонскиот идентитет и ќе се јакне македонскиот јазик со кој толку многу се фалат дека е безбеден? Одговорот е никако. Одамна е јасна намерата на оваа власт.

Но, верувајте дека за ова и сите досегашни предавства и злодела, најпрво ќе им пресуди народот, а потоа ќе си одговараат пред институциите на системот како што и доликува“, рече Јаневска.