Над 60% од граѓаните сметаат дека државата се движи во погрешна насока, а пратениците добија оцена доволен 2
Институтот за демократија, во рамките на Програмата за парламентарна поддршка денеска во Собранието, за пратениците и претставниците на собраниските служби, организираше презентација на резултатите од теренската анкета за работата на Собранието на Република Македонија реализирана во периодот од 19 февруари до 10 март 2022 година.
Извештајот ги анализира перцепциите на граѓаните за работата на Собранието генерално, почнувајќи од довербата во Собранието во споредба со другите власти, надзорната улога на Собранието, кого претставуваат пратениците, функциите на Собранието, информираноста за работата на законодавниот дом, како и други реформски процеси клучни за унапредување на работата на Собранието.
Настанот го отворија Роберт Скот Хејзлет, тим лидер на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП) и Марко Трошановски, Претседател на Институт за демократија (ИДСЦС).
Хејзлет потенцираше дека истражувањето покажува дека 63% од граѓаните сметаат дека државата се движи во погрешна насока, само 28% сметаат дека земјата оди во вистинска насока.
„Но граѓаните исто така сметаат дека Собранието игра значајна улога во политичкиот живот. Така се изјасниле 71% од граѓаните. Високи 59% од граѓаните веруваат дека секоја одлука во преговорите помеѓу Македонија и Бугарија треба да се договори во Собрание“, додаде Хејзлет.
Марко Трошановски потенцираше дека ова е најдолготрајното истражување на тема или институција која што постои во земјата.
„Веќе 13 години се следи перцепцијата на јавноста за работата на Собранието и мислам дека е бесценета дата база која што покажува како граѓаните гледаат на Собранието. Длабински ако навлеземе во податоците доаѓаме до заклучок дека граѓаните не сметаат дека Собранието во сите свои функции најдобро ја одразува својата цел. Со исклучок на 2010 година, оваа година имаме најниска оценка за работата на Собранието. Највисоката оценка до сега, од 3,4 покажа извештајот за 2017 година. Од тогаш има тренд на нагло а потоа и поблаго намалување на оценката на граѓаните за работата на Собранието“, рече Трошановски.
На скалата од 1 – најлошо, до 5 – најдобро, во 2022 година граѓаните ја оценија работата на Собранието со средна оценка 2,5 која бележи благ пад на скалата, споредено со изминатите четири години.
Перцепцијата на мнозинството граѓани е дека Собранието не ја извршува докрај својата надзорна улога, односно 27% од испитаниците сметаат дека Владата има целосна контрола над Собранието. Дополнително, над една третина (36%) од испитаниците сметаат дека Собранието ја зголемува корупцијата, наместо спротивниот ефект. Имајќи ги предвид пратеничките прашања како една од алатките на Собранието за надзор над извршната власт, граѓаните се поделени во однос на тоа дали тие се користат соодветно или служат само за критика или реклама.
Донесувањето на што поквалитетни закони, надгледувањето над трошењето на буџетот и грижата за имплементирањето на законите и политиките, се посочени како најважни функции на Собранието од страна на најголем дел од граѓаните. Сепак, нивното извршување од страна на Собранието е оценето како незадоволително од страна на мнозинството граѓани.
Извештајот ги анализира перцепциите на граѓаните за работата на Собранието генерално, почнувајќи од довербата во Собранието во споредба со другите власти, надзорната улога на Собранието, кого претставуваат пратениците, функциите на Собранието, информираноста за работата на законодавниот дом, како и други реформски процеси клучни за унапредување на работата на Собранието.