За Маричиќ бифтеци, калифорниски пастрмки, јунешки мускули или по една просечна плата од државна сметка за јадење по кафеани, за народот мизерија!
Нема месец во кој Бојан Маричиќ како министер за правда не бил во ресторан на државна сметка. Од бифтеци и печења до свежи риби и јунешки мускули се плаќале со неговиот министерски потпис. На сметките исто така има и жолти ракии и висококвалитетни вина. Плаќал со службената картичка, но и на фактури што угостителските објекти ги доставувале до Министерството за правда. Само од податоците кои „А1он“ ги доби може да се заклучи дека за една година, од минатиот јануари до јануари оваа година, Маричиќ исплатил 313.603 денари или 5.000 евра за гоштавање. Сумата би била поголема ако во неа се пресметаат и трансакциите што се направени во евра.
За дел од трансакциите има извештаи кои се доставени до „А1он“, за други нема. Се јадело во владиниот ресторан, познати скопски места како „Два елена“, „Јавор“, рибниот ресторан „Сидро“, „Маракана“, „Фор“, а најголемата сметка ја направил во пицеријата „Ера“, каде што платил 17.440 денари. За неа, „А1он“ не доби извештај колку и кои лица јаделе, што се нарачувало и зошто трошокот го плаќало министерството.
На државна сметка Маричиќ, некогаш и со гости, според сметките јадел бифтеци, свеж лосос, свежа риба орада, медалјони од бифтек, пилешки и телешки печења, калифорниска пастрмка, јунешки мускул во крем сос, шницли, гулаш. Според сметките што ги доби „А1он“, потпишани од Маричиќ, се гледа дека се пиелe и квалитетни вина, жестоки пијалаци, како ракија, уза, мастики, води, сокови. „А1он“ не ги доби деталните сметки на кои се гледаат видовите јадења платени со службената картичка што ја користел Маричиќ како министер за правда. Трансакции од неа има секој месец. Според изводите од банка, со неа плаќал во кафеани и по трипати во месецот. Седел во „Хилтон“, „Александар Палас“, „Џино“. Најмногу плаќања има во ресторанот „Два елена“, дури девет. Таму се платени 71.810 денари или над 1.160 евра за една година само од државната картичка на Маричиќ. Сметките достигнуваат и до 13.140 денари, но не може да се види што се јадело и пиело.
Од вкупно 5.000 евра потрошени од државната каса за плаќање на педесетина сметки за гоштавање со потпис на Маричиќ, само за седум може да се заклучи дека се направени поради работни состаноци. На најголем број од овие ручеци бил и самиот Маричиќ и се платило 85.000 денари или околу 1.300 евра. За останатите 3.700 евра, нема извештаи.
Владата во 2021 година донесе правилник според кој, секој функционер, па и Маричиќ, мора да достави извештај за секоја платена сметка и фактура, со кого јадел и целта на состанокот.
„Конкретно, при плаќањето, без разлика дали е со фактура, во готовина или со службена картица, функционерот до секторот за финансии во институцијата, задолжително мора да приложи и детален извештај за целта на работниот состанок, бројот на присутни лица, време, место и датум кога истиот се одржал. Без овие документи, Секторот за финансии во државниот орган нема да изврши исплата на угостителските трошоци“, велеа од Владата во 2021 година.
Без извештаи, не може да се утврди ниту дали Маричиќ го пречекорил лимитот на парите кој го има на располагање за репрезентација. Како министер, смеел да плаќа до 1.500 денари по лице, доколку е на работна средба.
Извор „А1.он“.