Милошоски: Францускиот предлог го има во кабинетите на Османи и Ковачевски, самото криење од пратениците и јавноста покажува дека е штетен за граѓаните и Македонија
Пратеникот Антонијо Милошоски, во гостувањето во тема на денот во дневникот на Сител телевизија, се осврна на францускиот предлог и одбивањето од страна на власта во Македонија тој да биде претставен на јавноста и рече дека е потценување на јавноста а со самото тоа и на пратениците, кога еден министер за надворешни работи тврди дека го нема францускиот предлог за преговарачката рамка, а другиот министер, член на неговата влада, Горан Милевски, јавно го одбива истиот тој предлог.
– Денес имавме и пресконференцја на Бон Клеман, тој е француски министер за европски прашања, кој одржа конференција по однос на средбите во Брисел за француското претседателство и самиот тој, кажа дека францускиот предлог се темели меѓу другото и на заедничките консултации и преговори помеѓу Скопје и Софија. Што значи дека предлогот го има и кабинетот на Ковачевски и кабинетот на Бујар Османи, како што го имаат и сите претседатели на држави, влади, министри на соседна Бугарија и земјите членки на ЕУ – рече Милошоски.
Милошоски додаде дека француската дипломатија е прилично темелна во делот на пристап кон овие европски прашања и рече дека е сигурен дека на 18-ти мај, кога имало телефонски разговор помеѓу премиерот Ковачевски и претседателот на Франција Макрон, дека една од темите на разговор било токму овој француски предлог.
– Од тој момент, од средината на мај до средината на јуни се изготвува овој предлог кој што потоа се доставува до сите земји членки со знаење на владата во Скопје, во Македонија и за истото тоа македонската има дадено согласност. Но, она што е според мене незрело во целата оваа ситуација и недемократски, нетраспарентно е што бугарската влада покрај целата поларизација во бугарското општество, сепак носи одлука да се дискутира за предлозите поврзани со Македонија во бугарското Собрание, а македонската влада не сака пратениците и јавноста, новинарите и граѓаните да бидат известени и да се дискутира за овој предлог во македонското собрание. Не се запознаени ниту пратениците на ДОМ, ниту пратениците на ЛДП, ДС, ни на ВМРО, Алијанса, БЕСА или било кои други пратенички групи и сметам дека голем хендикеп кој што асоцира, дава до знаење дека предлогот веројатно е неповолен и штетен за Република Македонија и како таков се обидуваат до последен момент да го кријат. Можеби предлогот е корисен за минимално продолжување на кариерите на Бујар Османи и Димитар Ковачевски, бидејќи и двајцата 3,4 или 5 години ветуваат датуми секое полугодие а истите ги нема, па сега се обидуваат ова како пследна сламка за спас, да го испазарат за некакво импровизирано решение кое би било на штета на граѓаните – додаде Милошоски.