Премногу е! Населението во Македонија е во страв и неизвесност!

Grafik_3.jpg

Во Македонија има најниска доверба помеѓу потрошувачите од речиси сите држави од Европската Унија (ЕУ) и од државите апликанти за ЕУ. Тоа го говорат податоците од Европската комисија, односно од Генералниот директорат за економски и финансиски прашања којшто спроведува редовни месечни анкети за бизнисите и потрошувачите во државите од ЕУ и за државите апликанти, вклучително и за Македонија.

Покрај лошите перцепции и очекувања на бизнис заедницата, она што дополнително загрижува и ја покажува општата недоверба во политиките на оваа Влада е нискиот индикатор на доверба (значајно под долгорочниот историски просек) на потрошувачите во Македонија. Нивната довербата остана ниска и по првиот удар на Ковид-19 кризата, а во последните три месеци (од март до мај 2022 година) дополнително е влошена и тоа под ниво од април 2020 година. Според овој индикатор, Македонија е на третото најлошо место во Европа, што значи дека при исти шокови (инфлација, енергетска криза, безбедносна криза), домашните потрошувачи се најисплашени за севкупната економска состојба, за личната финансиска ситуација, за растот на цените, за невработеноста и за можностите за живеачката (за купување на дом, автомобил, заштеди итн.). Ова јасно покажува дека перцепциите и очекувањата на населението во Македонија се лоши, зошто лоша е и севкупната економска политика на оваа Влада, којашто нема спремност, акција, ниту константност во преземени мерки. При вакви нестабилни политики не изненадува што сме на дното на Европа.

Воедно и според композитните индикатори, за економското расположение и за очекувања за вработувањето од мај 2022 година, Македонија е полошо од агрегираниот показател во ЕУ. Економското расположение во Македонија се нема вратено на предкризното ниво ни во текот на 2021 година, за разлика од ЕУ, додека од почетокот на 2022 година бележи и влошување, како што бележи и влошување индикаторот за очекувања на вработувањето. Во Македонија се полоши и останатите индикатори на доверба. Лоши перцепции и очекувања имаат менаџерите во градежништвото, индустријата и малопродажбата, дејности коишто не се опоравија со позначајно темпо од кризата со Ковид-19, како што тоа беше во земјите од ЕУ. Единствено услугите имаат опоравување и довербата е над историскиот просек, но пониско од предкризното ниво.