Митева:Инфлација со нов рекорд, СДСМ нема мерки, народот тоне во сиромаштија

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Дури и бројките кои излегуваат од статистиката на СДСМ рушат негативни рекорди. Во месец мај според ДЗС имаме инфлација со нов рекорд, измерени се 11% инфлација во споредба со истиот месец лани.
 
За само една година драстично поскапување на храната, транспортот и енергенсите. Според статистиката, општо храната во мај поскапела  за 17%, енергенсите за 8%, а траспортот поради високите цени на горивата, за дури 24%. СДСМ нема мерки за справување со ценовните шокови, народот тоне во сиромаштија. Суетата и ароганцијата им е во преден план, од една страна не нудат решенија, од друга страна не прифаќаат издржани предлози само затоа што доаѓаат како предлог од ВМРО-ДПМНЕ.
 
Ако го прифатеа предлог законот за акцизите со кој треба акцизите на течните горива да се намалат за 50% и законот за ДДВ со кој треба да се намали ДДВ за храна од 5% на 0%, а на горивата од 18% на 5%, цената на горивата уште веднаш ќе се намали и ќе има огромно олеснување на буџетот на граѓаните.
 
Денеска горивата ќе беа и за 25 денари поефтини доколку СДСМ се откажеше од 50% од акцизата. Со тие 25 денари помалку во цената на горивата ќе се помогнеше и на земјоделците, и на транспортерите, и на индустријата, но и на граѓаните. Доколку се прашувате дали е реално да се намали акцизата за 50%, одговорот е да реално е. Тоа се само 50-тина милиони евра годишно на сметка на буџетот, но огромна помош за граѓаните и семејните буџети во криза. Власта не се откажува затоа што нема од што да го полнат буџетот и нема како да крадат.
 
Поевтиното гориво ќе значи поевтино производство и извоз и поконкурентна економија во криза. Тоа ќе ја стимулира потрошувачката и ќе ја раздвижи економијата. Исто така, доколку се усвои нашиот предлог на закон за ДДВ, храната уште веднаш ќе се намали за минимум 5%. А зошто го прават тоа? Одговорот е едноставен, затоа што ова се пари од кои власта на СДСМ не сака да се откаже и по секоја цена сакаат да ги земат парите од џебот на граѓаните.
 
Премногу е! ВМРО – ДПМНЕ нема да се откаже од борбата да им обезбеди на граѓаните подостоинствени услови за живот. Протест за промени на 18 јуни и предвремени избори се решението за излез од кризите кои оваа неспособна влада ги создава!