Власта призна: Перспективата за ЕУ во догледно време за жал е завршена
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ смета дека напредок во евроинтеграциите е нужен за земјите од Западен Балкан и оти сега е време за брза евроинтеграција на регионот, додека според претседателот на државата Стево Пендаровски шансите за тргање на бугарското вето се сè помали. Според поранешниот претседател на Бугарија Петар Стојанов, во Бугарија премногу се робува на јавното мислење и тој смета дека вистинските државни лидери мора да го креираат јавното мислење, особено кога станува збор за историски одлуки.
Факт е дека „конструкцијата на бугарската политичка сцена“ во моментов е таква што отежнува да се постигне договор, изјави вчера претседателот на државата Стево Пендаровски, оценувајќи дека шансите за тргање на бугарското вето се сè помали.
– Перспективата за ЕУ во догледно време за жал е завршена. Шансите се сè помали и помали. Не можам да кажам дека се завршени. Не можам да кажам, граѓани од утре одиме на сосема друга стратешка перспектива, бидејќи друга подобра не гледам, но мора да ги менаџираме тие очекувања кои беа нереално високи изминативе година-две, изјави Пендаровски во „Утрински брифинг“.
Вицепремиерот Маричиќ, верува дека и покрај воената криза во Украина, Западен Балкан мора да остане во фокусот на ЕУ, бидејќи тоа е од геостратешки интерес и на Унијата.
– Време е за брзи интервенции во евроинтеграциите и поправање на грешките од минатото. Војната во Украина е последно предупредување за Унијата за ризикот кој го презема оставајќи го овој регион неинтегриран, порача вчера Маричиќ, на годишниот Самит на демократија во Југоисточна Европа, што се одржува во Будва, Црна Гора.
Маричиќ на средба со црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ оцени дека напредокот на една земја од Западен Балкан е напредок на сите и за целиот регион.
– Тоа е важна лекција која мора да ја знаме и дека сè што правиме на регионално ниво, на темелите на европските вредности, ќе носи мир, стабилност и напредок, а тоа ќе значи благосостојбата на нашите граѓани, рече Маричиќ.
Поранешниот бугарски претседател Петар Стојанов пак за софиската телевизија бТВ оцени дека агресивната позиција на Софија кон Северна Македонија создава нација што ја мрази Бугарија.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Стојанов, кој беше бугарски претседател од 1997 до 2002 година, смета дека колку и да се заострени позициите, дијалогот меѓу „двете братски држави“ мора да се води во пријателски тон.
Стојанов нагласи дека во Бугарија премногу се робува на јавното мислење и оти вистинските државни лидери мора да го креираат јавното мислење, особено кога станува збор за историски одлуки, како што беше зачленувањето на Бугарија во НАТО и ЕУ.
МИА