Мицкоски: Доколку Ковачевски како заменик министер за финансии се насочеше на работа, сега немаше да има потреба од финансиски гимнастики и ефектите од кризите немаше да бидат толку големи
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при неговата посета на Ресен, одговарајќи на новинарско прашање за став околу најавите дека Владата со новиот ребаланс на буџетот ќе крати само 100 милиони евра од непродуктивни трошоци, истакна дека доколку Ковачевски како заменик министер за финансии и Фатмир Бесими како министер во декември минатата година парите наместо за луксузирање и крадење ги насочеа за поддршка на стопанството и граѓаните, сега немаше да има потреба од вакви гимнастики кои што ги прават и ефектите од оваа финансиска и енергетска криза немаше да бидат толку големи како што се денеска.
„Чудно делува бидејќи истиот тој Ковачевски беше заменик министер за финансии и истиот тој Фатмир Бесими беше министер за финансии кога имавме и здравствена и финансиска и енергетска криза минатата година во декември месец. Можеа тогаш наместо парите да ги депонираат за луксузирања и крадење, да ги употребат за поддршка на стопанството и на граѓаните, но тоа не го сторија и сега навистина овие гимнастики се навистина непотребни. Ако е тоа причината да водат „купи ден продај“ политика, тогаш ги разбирам, но суштински нас ни треба стратешки пристап, а не ваков пристап од денес за утре каков што го има оваа влада. Ако на тоа се мислеше минатата година кога ние предупредувавме можеби ефектите од оваа финансиска и енергетска криза немаше да бидат толку големи како што се денеска“ истакна Мицкоски.
Тој уште еднаш упати апел до власта за организирање на средба на која ќе се разговара за сите актуелни прашања и датум за избори.
„Уште еднаш ќе упатам порака од овде од Ресен, да седнеме на маса и да разговараме за сите актуелни прашања, вклучително и да договориме датум за предвремени парламентарни избори. Тоа е она што народот го бара“, потенцираше Мицкоски.