Сеуште нема договор меѓу МТСП и СОНК
Министерството за труд и социјална политика и Синдикатот на образование наука и култура (СОНК) полека ги приближуваат ставовите по однос на барањето на повисоки плати во образованието, рече министерката Јованка Тренчевска. Во одговор на новинарско прашање, до каде се преговорите поради кои претходно СОНК одржа и повеќедневен штрајк, Тренчевска одговори:
„Имавме конструктивна дискусија со претставниците на СОНК. Социјалниот дијалог продолжува. Блиску сме до конeчно решение. Всушност денеска разговаравме за повеќе понудени предлог решенија и од МТСП и од страна на СОНК и дојдовме до приближување на ставовите кон она што значи решавање на спорот. Во текот на неделата продолжуваме повторно со дијалогот. Се надевам дека до крајот на неделава ќе имаме потпишано спогодби и конечно решение во однос на одлуката на штрајк во предучилишните установи.“
Таа додаде дека ставовите се приближуваат, но оти е потребно време за да може предлозите дадени од страна на Министерството за труд социјална политика и од СОНК да се усогласат и до крајот на неделата во четврток или петок да има конечно решение.
„Тоа треба да биде во интерес и на МТСП и на СОНК односно вработените во градинките, а е во согласност со законот и ќе дојдеме до она што значи решавање на овој спор“, рече Тренчевска.
Претседателот на СОНК е отимист дека е можно да се дојде до решение, но, потенцира, доколку тоа не се случи може да има последици на одлуката за прекин или продолжување на штрајкот.
„Па да. Може да има последици, доколку не најдеме заедно прифатливо решение, но еве ќе се надоврзам на кажувањето на министерката навистина се движиме во добар правец и надминување на горчливиот проблем за исплата на плати на сите оние коишто беа во штрајк во детските градинки. Убедени сме дека и овој проблем позитивно ќе биде решен до крајот на неделата. Тоа не би требало се чини да биде сламка на сопнување, од аспект на тоа што има добра волја од двете страни да се надмине ситуацијата. Згора на тоа и преговорите со МОН привршуваат под покровителство на помирувачи. Така што, она што ќе биде договорено во однос на зголемување на плати во дејноста образование ќе важи и за детска заштита и дефинитивно она што е договорено и со еднииот и со другиот министер односно со работните групи од двете министерства, дека и колективните договрои ќе бидат изработени односно потпишани во соодветна рамка односно термин за којшто веќе сме веќе блиску за утврдување“ – рече Неделков.
Тој е убеден дека разговорите со МОН кои се водат под покровителство на помирувач ќе завршат утре, кога истекува и рокот за завршување на преговорите.
„Денеска еве имаме повторно средба во МОН каде што ќе ги допрецизираме договорените работи коишто треба да произлезе и записник од помирувачот за кој практично треба заедно да се усогласиме и да го усвоиме. Врз основа на тој записник треба да се изготви и спогодба која што ќе ја потпишеме сите инволвирани страни во овој процес“- рече претседателот на СОНК.