Францускиот претседател Емануел Макрон го повтори своето ветување дека ќе издава ваучери за храна за семејствата кои имаат потреба поради наглото зголемување на трошоците за гориво и суровини, предизвикани, како што рече, од руската инвазија на Украина.
Во интервју за радиото Франс Блу, Макрон рече дека светот се соочува со „глобална криза со храна“.
Истакнувајќи дека Франција ги советувала другите европски земји да дадат „заеднички одговор“ на прашањето, претседателот, кој се соочува со избори на 10 април, вели дека неговата влада веќе презела мерки, вклучително и ограничувања на потрошувачката на енергија и попусти за гориво, за поддршка на населението.
Нагласувајќи дека Украина и Русија се амбарите на светот, Макрон рече: „Сакам да воведам ваучери за храна за да им помогнам на најскромните домаќинства и на средната класа да се соочат со овие дополнителни трошоци.“ Тој додаде дека би сакал и неговите сонародници „да купуваат локално и да се купуваат француски производи“.
Макрон, пренесува RT, ја разгледувал идејата за ваучери за храна од декември 2020 година, а сега тие ваучери станаа едно од неговите предизборни ветувања.
Сепак, деталите за програмата за поддршка допрва треба да бидат откриени. Засега не се знае колкави би биле ваучерите, кои производи би ги покривале, како точно би се делеле и кој би имал право на нив.
Русија и Украина се меѓу најголемите светски снабдувачи со жито и пченица. Според Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој, двете земји покриваат 53 отсто од светската трговија со сончогледово масло и семиња и 27 отсто со пченица.
Европската централна банка претходно соопшти дека „инфлацијата на храната се очекува да остане висока во 2022 година“ поради високите цени на суровините и „вонредните зголемувања“ на цените на гасот и електричната енергија.
Европската комисија моментално работи на мерки кои би можеле да ја зголемат безбедноста на храната во ЕУ.
Сепак, сите земји неизбежно ќе бидат погодени од кризата предизвикана од конфликтот. „Порастот на цените на храната и горивата ќе ги погоди најранливите во земјите во развој, што ќе изврши притисок врз најсиромашните домаќинства, кои трошат најголем дел од својот приход на храна, што ќе резултира со тешкотии и глад“, предупреди организацијата.