По свадба – тапани: Земон се извини по изјавата за Гоце Делчев, бил погрешно разбран, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа е огледало на политиките на СДС
Поранешиот пратеник и лидер на ПОЕН, а сега член на ЦО на СДСМ, Рубин Земон, во поткаст на Коридор 8 изјави дека Гоце Делчев бил само мит кој ништо не направил за Македонија.
По оваа изјава тој преку социјалните мрежи се извини појасни дека неговите зборови биле погрешно протолкувани. Земон нагласи дека немал намера да го намали значењето на Делчев, туку сакал да укаже на потребата од поголемо вреднување и на личности како Димитрија Чуповски и Крсте Мисирков во македонската колективна меморија.
„Бидејќи гледам дека работата денес отиде во други димензии, сакам да објаснам дека во никој случај не сум помислил, ниту нешто сум направил за да ја намалувам вредноста, значењето и големината на великанот Гоце Делчев за македонската историја и неговата улога. Она за што говорев е повеќе за тоа што во нашата колективна меморија се запоставени Чупоски и Мисирков и дека и тие исто така треба да се на пиедесталот, особено за развојот на македонскиот идентитет. Тоа беше мојата дискусијата и тоа беше мојата поентата. Во никој случај не сум имал намера да се каже нешто против Гоце Делчев, којшто е на пиедесталот на македонската историја. Се извинувам на сите доколку нешто поинаку било разбрано или протолкувано.
А тие што ширеа говор на омраза ќе се соочат со законот.
П.с. Благодарам на сите што денес ми се јавуваа и ми даваа поддршка…“, напиша Земон.

„СДС нема никакви црвени линии. Венко Филипче е спремен да ги распродава националните интереси исто како неговиот ментор Заев, само за да си ја зачува фотелјата на Бихачка и да дојде до власт. СДС на чело со Филипче подготвени се да распродадат сè што е македонско, идентитетот, јазикот, историја и културата само поради една цел, за да дојдат на власт“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Скандалозната изјава на Рубин Земон, во која се релативизира македонскиот идентитет и се омаловажува ликот и делото на Гоце Делчев, не е изолиран инцидент, туку огледало на политиките што СДС ги спроведува со години. Тоа е континуитет на понижување и негирање на сопствените национални вредности и македонските граѓани.
Изјавата на Рубин Земон е олицетворение за вистинскиот пристап на СДС кон македонските национални интереси под раководство на Филипче.
Филипче и СДС наместо да ги бранат државните позиции, тие прифаќаат услови од оние што ја блокираат Македонија и директно го попречуваат нејзиниот пат кон Европската Унија.
За СДС, македонските национални интереси не се света обврска, туку средство за политичко пазарење. Не им пречи ниту фактот што нема никаква гаранција дека евентуални нови отстапки ќе бидат последни на патот кон ЕУ.
Филипче не само што не се оградува од ваквите ставови, туку и ги поттикнува, поставувајќи луѓе со вакви позиции на највисоки партиски функции и испраќајќи порака дека е подготвен на нови и уште подлабоки отстапки.
Рубин Земон е само уште една потврда дека за Филипче и СДС не постои граница кога станува збор за националните интереси. Сè е на продажба, само да се добие власта“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Comments are closed.