Сараево: Една жртва и четворица повредени при излетување на трамвај од шините, ампутирана ногата на девојка
Во тешка сообраќајна несреќа што се случи во Сараево во четвртокот напладне кога трамвај излета од шините, четири лица се повредени а едно починало, според информации потврдени од болнички извори попладнето.
Градски трамвај излета од шините во близина на Националниот музеј, урна заштитна ограда и заврши на коловозот. Удрил во едно лице кое починало, но идентитет на жртвата не е потврден. Локалните медиуми прво објавија дека станува збор за жена, а потоа дека е тешко повреден маж.

Докторката од итната медицинска помош Ријада Блажевиќ потврди една смрт. „Еден пациент, за жал, починал на местото на несреќата“, изјави Блажевиќ за порталот radiosarajevo.ba.
Таа, исто така, потврди дека екипите за итни случаи пронашле четири повредени лица, при што едно женско лице е тешко повредено и веднаш е пренесено в болница.
Медиумите подоцна објавија дека настраданото лице е 17-годишна девојка чија нога морала да биде ампутирана во болница.

Окружното обвинителство на Сараево, исто така, потврди дека едно лице починало, но нагласи дека нема да дадат други детали додека не заврши истрагата.
Постојат шпекулации за причините за оваа сериозна несреќа. Се случила на раскрсница каде што минатата година биле реконструирани пругата и свртницата како дел од сеопфатен проект за реновирање, па претпоставката е дека причина за излетувањето од шините била несоодветната близина, но и староста на трамвајот од чешко производство, кој бил купен за време на поранешна Југославија.
Иако трамвајскиот сообраќај во Сараево е во процес на модернизација и се купени целосно нови возила, на шините сè уште може да се видат возилата стари со децении чија техничка состојба е сомнителна.

Comments are closed.