За дрогата прашајте го Заев, Филипче има директна комуникација со него, вели ВМРО-ДПМНЕ за СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ реагираше на соопштението на СДСМ поврзано со заплената на дрога во Србија, оценувајќи дека обидите на опозициската партија да отвори прашања за овој случај се лицемерни и насочени кон дефокусирање на јавноста.

Од владејачката партија посочуваат дека СДСМ, наместо да поставува прашања кон институциите, одговорите треба да ги побара кај, како што наведуваат, „познатиот сопственик на фабрика за марихуана“ и поранешен премиер Зоран Заев. Во реакцијата се додава дека не е важно дали Заев се наоѓа во Струмица или, како што тврдат од ВМРО-ДПМНЕ, престојува во Дубаи.

„СДС прашуваат како поминала дрогата. Одговорите на овие прашања нека ги постават кај Зоран Заев“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, потенцирајќи дека токму во периодот на владеење на СДСМ биле донесени одлуки и законски решенија поврзани со одгледувањето и производството на канабис.

Во реакцијата, од ВМРО-ДПМНЕ дополнително тврдат дека постои директна поврзаност меѓу Заев и актуелното раководство на СДСМ, посочувајќи дека Венко Филипче, како што велат, има директен контакт со поранешниот премиер.

Партијата нагласува дека СДСМ нема кредибилитет да зборува за борба против криминал и дрога, обвинувајќи ја опозицијата дека токму во нивно време биле создадени, како што велат, услови за ширење на канабис-индустријата и за сомнителни бизниси поврзани со неа.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека институциите ќе постапуваат согласно закон и дека, според нив, јавноста треба да добие одговори од оние кои, како што тврдат, се директно поврзани со ваквите појави.

 

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK