„Безбеден град“ ќе започне и во Охрид и Струга пред летната туристичка сезона

Сообраќајни камери во Охрид и Струга ќе бидат поставени во рамките на системот „Безбеден град“ за детекција на прекршоци и зголемување на сообраќајната дисциплина.

Во рамките на проектот се планира поставување на вкупно 40 камери, кои ќе го покриваат најфреквентниот сообраќај во двете општини.

Во моментов, четири камери веќе се физички монтирани на автопатската делница Охрид–Кичево. Тие се поставени на потезите меѓу селата Горенци и Требеништа, како и Ботун и Ново Село.

Иако уредите се поставени, тие сè уште не вршат санкционирање. Камерите се наоѓаат во фаза на техничка проверка и тестирање, која веќе е завршена, со цел да се обезбеди нивната точна работа пред официјалниот старт.

Според најавите, системот треба да започне со работа пред стартот на летната туристичка сезона. Целта е да се подобри безбедноста на патиштата и да се намали бројот на сообраќајни прекршоци.

Од СВР Охрид посочуваат:

„Воведувањето на овој систем има за цел значително да придонесе кон подобрување на безбедноста на патиштата, преку намалување на сообраќајните прекршоци, незгоди и последици по учесниците во сообраќајот.“

Системот „Безбеден град“ ќе овозможи современ надзор на клучните сообраќајни точки, а со тоа и побрзо откривање на прекршоци и ризични ситуации.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK