Мир Божји! ХРИСТОС СЕ РОДИ! НАВИСТИНА СЕ РОДИ!

Православните христијани во земјава денеска го слават Рождеството Христово-Божик, заедно со православните христијани – верници во Српската Православна Црква, Руската Православна Црква и уште неколку други цркви.

Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат божикни литургии. Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи литургија на Св.Василиј Велики.

Рождеството Христово-Божик е меѓу двата празника од прв ред во православното богословие. Денеска се одбележува денот на раѓањето на Исус Христос.

„Еве, повторно стоиме пред тајната на Божик – пред тајната на Божјото доаѓање на земјата. Кога човештвото и сиот свет беа обвиени во гревовна темнина, Бог не остана далечен, туку слезе меѓу нас и, бивајќи Светлина, ја порази и ја истера темнината, и не со сила – туку со љубов.

Со овој спасоносен настан се исполни времето и се откри Божјата волја: Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот. Затоа Божик не е само спомен на минатото, туку е откровение на вечната Божја намера: човекот да живее во заедница со Него“, нагласува поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан во своето најново Божикно послание.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK