И Владата и „Сигмоид гроуп“ ја демантираат Кузеска: Наводите на СДСМ се целосно неосновани, неточни и претставуваат груба клевета
Соопштение на Владата на РМ:
„Во однос на денешната прес-конференција на опозицијата, должни сме јасно и недвосмислено да укажеме дека изнесените наводи се целосно неосновани, неточни и претставуваат груба клевета и свесна конструкција.
Обидите на опозицијата се јасни, да конструира наративи без фактичка основа.
Затоа, уште еднаш потенцираме дека сите релевантни податоци се јавно достапни и лесно проверливи преку официјалните електронски системи на надлежните институции.
Овие слаби и безидејни конструкции, лесно се распаѓаат при најосновна проверка.
Станува збор за централизирана јавна набавка за 20 министерства со одлука на Владата. Набавката на овие системи има за цел да ја зајакне сајбер – безбедноста на институциите преку навремена идентификација на безбедносни слабости и проактивна заштита од закани.
Во текот на постапката имаше две понуди, а наведениот субјект имаше најповолна понуда. Постапката беше спроведена без никаква забелешка, ниту пак покрената жалба.
Во однос на другата спомената јавна набавка, станува збор за реално потребен софтвер за проект кој го ветивме пред граѓаните со цел зголемена транспарентност и дигитализација на институционалните процеси, односно предвидува модул за следење на договорите (нивна исполнетост и количина), модул човечки ресурси, модул увид за барања од разни институции до СОЗР, прегледност на режиски трошоци и која институција колку троши.
Овие факти потврдуваат дека станува збор за тенденциозен обид за политичка манипулација, во кој се пласираат фабрикувани тврдења без ниту еден релевантен доказ.
Наводите поврзани со поединци и наводни привилегии се апсолутно неточни и се во директна спротивност со фактите и достапната документација од надлежните институции.
Јавно и одговорно тврдиме дека во сите постапки не постои ниту најмал пропуст, ниту најмала неправилност.
Опозицијата, очигледно неспособна да понуди идеи, програми или визија, повторно посегнува по стариот и веќе прочитан рецепт на измислици, но ова се бледи и безидејни конструкции кои го разоткриваат очајот на оние што ги пласираат.
Институциите работат транспарентно, законски и отчетно, а секој што тврди спротивно ќе мора своите зборови да ги поткрепи со факти, а не со празни политички конструкции.
Ги охрабруваме сите заинтересирани страни да се информираат од официјалните извори и да не подлегнуваат на политички мотивирани шпекулации.
Јавноста заслужува одговорност, факти и транспарентност.“
И „Сигмоид гроуп“ демантира поврзаност на основачот на компанијата со премиерот Христијан Мицкоски.
„Во врска со објавите од различни политички субјекти, доставуваме изјава со факти за поголема транспарентност.
Воедно, сметаме дека е несоодветно да се проблематизира работата на домашни субјекти кои активно работат и на странски пазари. Сметаме дека со нарушување на угледот на домашните субјекти се отвара простор и понатаму да доминираат на ИКТ пазарот во државата странски/регионални компании, наместо да се поддржи извозот на ИКТ услугите како што тоа го прават други држави.
Во врска со објавените наоди, а со цел точно, целосно и објективно информирање ја информираме јавноста за следното:
1. При споменатите набавки станува збор за групна набавка помеѓу компании во иста групација, односно помеѓу Сигмоид Гроуп ДООЕЛ и Сигмоид ДОО.
2. Сигмоид е ИКТ групација која е активно присутна на пазарот од 2018 година, со портфолио од над 40 клиенти во јавниот и приватниот сектор. Компанијата редовно учествува на јавни набавки во Република Северна Македонија, како и во други држави, вклучително и Естонија – една од најдигитализираните држави глобално. Податоци за дел од нашите клиенти се достапни и на нашата веб страна, како и на порталот за јавни набавки на Естонија. Во Република Северна Македонија, компанијата има склучено и реализирано повеќе од 30 договори директно со јавни институции, како и договори преку меѓународни донатори за имплементација на ИКТ системи. Во целокупното работење, Сигмоид соработува со раководствата на сите организации и институции исклучиво на професионална основа, независно од актуелниот менаџмент, политичката припадност или составот на раководните структури. Во тој контекст, успешно се имплементирани проекти со јавни институции предводени од различни политички партии.
3. Сигмоид има реализирано и значителни договори со странски држави, меѓу кои и со јавни организации од Естонија, како и со повеќе јавни институции од земјите на Западен Балкан, вклучително Република Северна Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина.
4. Од финансиските извештаи за 2024 година јасно е видливо дека поголемиот дел од остварениот промет на Сигмоид потекнува од странство.
5. Сигмоид е официјален партнер со над 15 глобални водечки производители на ИКТ опрема и системи, особено од областа на сајбер безбедност. Во дел од споменатите јавни набавки се експлицитно побарани и уредно доставени авторизации од страна на производителите на ИКТ системите, во согласност со тендерската документација и важечките прописи.
6. Во однос на личните податоци, категорично демантираме дека основачот Јован Јанкуловски има завршено Машински факултет. Истакнуваме дека тој никогаш не бил студент на Машинскиот факултет. Воедно, никогаш немал контакт со премиерот.
7. Големината на тимот во рамки на групацијата е значително поголем и во изминатите две години континуирано изнесува над 20 вработени и ангажирани професионалци од областа на ИКТ, со јасна тенденција на раст.
8. Нагласуваме дека во предметните тимови на споменатите набавки се ангажирани и професионалци (вклучително и странски експерти) со највисоки сертификати од областа на сајбер безбедност. Дополнително, посочуваме дека при јавни набавки во други држави се ангажирани од страна на нашиот тим и експерти со NATO сертификати за безбедност што укажува на капацитетот на проектните тимови“.
Comments are closed.