Бројот жртви во пукањето на плажата Бонди се искачи на 16, сторителите се татко и син кои „се заколнале на верност на ИСИС“

Бројот на жртвите од пукањето во неделата на прославата на еврејскиот празник на култната плажа Бонди во австралиски Сиднеј се искачи на 16, соопшти полицијата, додавајќи дека татко и син стојат зад нападот.

Полицијата во објава на платфромата X соопшти дека 16 лица загинале а 40 се лекуваат во болница по пукањето. Во објавата не се прецизира дали оваа бројка го вклучува и осомничениот вооружен маж, кој подоцна во престрелка беше убиен.

Двајцата напаѓачи биле татко и син, соопшти полицијата. Педесетгодишниот маж починал на местото на настанот, додека 24-годишникот е во болница во критична состојба.

Според истражителите, напаѓачите на плажата Бонди биле жители на областа Бонириг во југозападен Сиднеј. Засега нема индиции и траги дека некој од вклучените во нападот го планирал претходно, а еден од напаѓачите „имал дозвола за огнено оружје и легално поседувал огнено оружје околу 10 години“.

Полицијата на државата Нов Јужен Велс соопшти дека меѓу загинатите има дете и дека возраста на убиените се движи од 10 до 87 години, објави BBC.

Нападот се случил на прославата на почетокот на еврејскиот празник Ханука, а полицијата го третира како терористички чин.

Премиерот Ентони Албаниз го нарече нападот „чин на чисто зло“ кој „намерно ја таргетирал“ еврејската заедница.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK