ВИДЕО: 16 минути тишина за 16 жртви, голем собир во Нови Сад
Во српскиот град Нови Сад голем број луѓе од целата држава одржуваат комеморативен собир со цел – оддавање почит на првата годишнина од загинувањето на граѓани поради уривањето на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад. На државно ниво денеска е Ден на жалост.
Во Нови Сад, симболично, граѓаните се собираат на 16 локации – за 16 жртви, од каде што ќе се упатат кон Железничката станица, каде што ќе им оддадат почит. Во организација на српската дијаспора, комеморативни собири ќе се одржат и во градови низ целиот свет. Во Србија, но и во Република Српска, денес е Ден на жалост.
Пред една година – на денешен ден во Нови Сад – загинаа 16 луѓе, а едно девојче беше тешко повредено кога се урна бетонска настрешница на реновирана железничка станица во тој град, трагедија за која досега не е утврдена кривична одговорност.
Бетонската настрешница се урна во 11.52 часот, тогаш загинаа 14 луѓе, меѓу кои и 4 деца на возраст од 6, 10, 16 и 17 години, а 3 лица беа тешко повредени. Уште 2 лица починаа подоцна поради повредите.
Меѓу загинатите беше и Македонецот Васко Саздовски (46) – истражувач во Институтот Биосенс во Центарот за сензорски технологии, како виш истражувач во рамките на проектот ANTARES. Докторирал на Универзитетот Кренфилд, Обединето Кралство. Претходно магистрирал електротехника на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и дипломирал воздухопловство на Воената академија во нашата држава.
Илјадници луѓе ноќеска по полноќ во Нови Сад одржаа 16-минутен молк со што им оддадоа почит на жртвите од трагедијата, пред големиот комеморативен собир со кој денеска ќе се одбележи годишнината од страдањето на 16 луѓе кои загинаа при падот на бетонската настрешница на реновираната зграда на станицата.
Новосаѓани изминатите два дена ги пречекуваа групите студенти и граѓани кои дојдоа пеш од цела Србија за да им оддадат почит на загинатите. Во градот се веќе присутни и групи велосипедисти, моторџии, ветерани и земјоделци со трактори.
По собирањето во центарот на градот, тие по полноќ се упатија во колона кон железничката станица. Студентите на чело на колоната, во тишина, носеа 16 венци бели цвеќиња со имињата на жртвите од трагедијата.
Бројни жители на Нови Сад им се придружија во целосна тишина во текот на ноќта при што пред станицата палеа свеќи.Студентите кои пристигнаа во Нови Сад се сместија во кампусот – една од 16-те локации во Нови Сад од кои ќе се движат денеска кон железничката станица.
Веднаш по падот на настрешницата, прво Железничката инфраструктура на Србија објави дека настрешницата не е реконструирана, а потоа тоа го повтори и тогашниот премиер на Србија Милош Вучевиќ, кога дојде со министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и градоначалникот на Нови Сад Милан Ѓуриќ да го посетат местото на несреќата.
– Неверојатно е дека 60 години таа настрешница не е обновена. Дури и кога целата станица беше реконструирана, настрешницата не беше. Некој ќе мора да објасни зошто – рече српскиот претседател Александар Вучиќ во порака до јавноста.
NOVI SAD ❤️🩹
01.11.2025. pic.twitter.com/MTSRNb4YAx
— Shonetin (@kaonikotinn) November 1, 2025
Comments are closed.