Во сабота почнува увидот во Избирачкиот список
Граѓаните, барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците во изводите на Избирачкиот список што е ставен на јавен увид ги поднесуваат писмено до подрачното одделение на ДИК или месната канцеларија на подрачјето на живеење, или по електронска пошта до ДИК. Со барањето се приложуваат и потребните докази. Барањата за запишување, дополнување или бришење на податоци во Избирачкиот список се поднесуваат во периодот од 23 август до 11 септември.
ДИК по барањата и пријавите на граѓаните е должна да одлучи со решение во рок од 24 часа од денот на приемот на барањето. Против решението со кое се одбива барањето, граѓанинот во рок од 24 часа од приемот на решението може да поднесе тужба до Управниот суд по електронски пат. По тужба, Управниот суд решава во рок од 24 часа и одлуката веднаш му ja доставува на тужителот по електронски пат. Правосилното решение на Управниот суд донесено по тужбата за запишување, промена и бришење е составен дел на потпишаниот Избирачки список од страна на ДИК.
Comments are closed.