Тошковски: Полициски возила ќе ги снимаат погрешно паркираните и автоматски ќе казнуваат
Покрај камерите на улиците во рамките на „Безбеден град“, кои ќе ги ловат прекршоците во сообраќајот, полицајци со возило опремено со специјални камери ќе ги снимаат погрешно паркираните возила. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека проектот „Безбеден град“ ќе понуди повеќеслојно системско решение за поголема сообраќајна култура.
„Дел од имплементацијата на ‘Безбеден град’, во иднина ‘Безбедна држава’, ќе бидат и возила што ќе бидат целосно опремени со паметни камери и при движење во рамките на одредени сообраќајници, улици, ќе ги констатираат сите погрешно паркирани возила. Тие веднаш ќе бидат процесирани во рамките на системот врз основа на компјутерска обработка на податоците што ќе бидат внесени во системот“, рече министерот Тошковски.
Тој нагласи дека имплементацијата на проектот „Безбеден град“ суштински е веќе почната оти од 1 јануари годинава при регистрација на возилата се бара сопствениците да остават електронска адреса и телефонски број. За една година, односно до 1 јануари 2026 година, кога министерот Тошковски очекува да почне да функционира новиот систем за казнување на прекршоците во сообраќајот, ќе бидат собрани податоците од сите возила, што ќе биде основа за новиот систем да почне да функционира.
Пред да почнат на граѓаните да им стигнуваат казни, министерот Тошковски и денес рече дека ќе има тест-период од неколку месеци, во кој ќе бидат само известувани за направените прекршоци.
„Очекувам оној тест-период што го најавивме, бидејќи целта не ни е да ги казнуваме граѓаните сами по себе, туку да ја смениме сообраќајната клутура и да ги намалиме бројките, да го има. Ќе го имплементираме одреден временски период, неколку месеци граѓаните ќе добиваат пораки, ќе бидат известувани кога ќе сторат одреден прекршок, а притоа тој ќе биде констатиран, ќе се уверат дека системот функционира. Од 1.1.2026 година ќе ги овозможиме законските предуслови тоа да биде онака како што треба да биде“, рече министерот Тошковски.
Во тек е измена на 5 закони, односно на Законот за безбедност на патиштата, Законот за прекршоците, Законот за возилата, Кривичниот законик и Законот за извршување на санкциите, кои се клучни за функционално системско решение.
Измената на законите министерот Тошковски вели дека е прв приоритет за Министерството. Во наредниот месец ќе се работи на измените на законите и министерот очекува на крајот на март веќе да биде готова првичната верзија за во април измените да влезат првин во владина, а потоа и во собраниска процедура.
Паралелно со измените на законите, министерот Тошковски рече дека интензивно работат и на подготовка за изградба на катна гаража во кругот на Министерството за 500 возила и ги повика градоначалниците и сите други фактори во општеството да го следат примерот и да дадат свој придонес за поголема сообраќајна култура.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.