Правда за Фросина и за сите жртви на сообраќајното дивеење
„Ние сме гласот на Фросина, валкани пари-смртни последици“ пишуваше на транспарентот со кој денешните учесници, заедно со членовите на семејството на починатата Фросина Кулакова, протестираа од Универзална сала, преку Собранието до судовите. Стотици граѓани бараа правда за загинатите во сообраќајни несреќи како и ригорозни казни за прекршителите на сообраќајните правила кои предизвикале смртни последици.
Протестот почна од местото каде што на 29 јануари загина Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“ откако на пешачки премин беше прегазена од возило управувано од 20-годишниот Васил Јованов, кој бил без возачка дозвола, имал алкохол во себе и поминал на црвено.
Денеска се одржа третиот марш на кој се бараше правда за 22-годишната Фросина, но и за сите жртви кои загинале во сообраќајни несреќи. Организатори на протестите е граѓанската иницијатива Кој е следен?
„Потребни сме им на нашиот град и на нашето општество заедно, како колектив што бара одговорност, неселективна правда и безбедност за секој граѓанин. Системот што треба да нѐ заштити потфрла, затајува и секојдневно ни ја докажува својата нефункционалност, онаа што ни ги крати животите. Премногу долго чекавме некој друг да ги подобри работите, да направи вистински промени, да ни обезбеди квалитет на живот каков што заслужуваме. Време е сами да ги побараме! Време е да ги потсетиме надлежните кому служат и зошто се на своите функции“, рекоа од Кој е следен?
Семејството на Фросина пред маршот соопшти дека не протестираат против Владата, туку ја поддржуваат и бараат од судските власти правда за сите жртви.
„Ние како семејство јавно се заблагодаривме и сме благодарни на досегашната поддршка од Владата. Не протестираме против Владата, напротив, бараме да продолжи да нѐ поддржува и нас како семејство, но исто така бараме да ја поддржи и иницијативата Кој е следен? и да ги сослуша барањата што ќе произлезат од протестите. Истото го бараме не само од власта, туку и од опозицијата. Бараме чинителите на судската власт да престанат да ги бранат нечесните меѓу нив, а веруваме дека не сите судии и обвинители се исти”, вели семејството на Фросина.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.