Историски говор на Мицкоски на CPAC: Цврсто сојузништво со САД, ја раскажа приказната за уцените и условувањата на Македонија на патот кон ЕУ (ВИДЕО)
Премиерот Христијан Мицкоски се обрати на конференцијата CPAC – големиот десничарски настан кој се одржува во Вашингтон, а на кој годинава ќе се обрати и претседателот Доналд Трамп, а веќе се обратија потпретседателот Џеј Ди Венс, спикерот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, голем број претставници на администрацијата на Трамп, странски државници и водечки десничарски коментатори од САД
Мицкоски беше интервјуиран од политичката коментаторка Кеј Ти Мекфарланд, која беше заменик-советничка за национална безбедност во првиот мандат на Трамп. Премиерот Мицкоски истакна дека Македонците во САД силно го поддржале реизборот на претседателот Трамп, како традиционални и семејно ориентирани гласачи. Мекфарланд возврати дека премиерот Мицкоски бил единствен меѓу европски водачи кој позитивно реагирал и аплаудирал за време на обраќањето на потпретседателот Венс на Минхенската Безбедносна Конференција.
Тоа беше историски настан, според моето скромно мислење. Не велам дека сум во право, можеби некои европски политичари ќе ми се налутат, но тоа беше инспиративен говор. Важно е дека по говорот, некои од публиката го критикуваа Венс, а некои рекоа дека тоа било своевидно мешање во внатрешните работи на суверени држави, бидејќи потпретседателот Венс наведе многу примери кои не се во согласност со слободата на говор, со демократијата, со нашите споделени вредности. Повторно ќе речам, мислам дека беше во право.
-На мојот подоцнежен панел реков дека видовме историски говор, со многу отворени и директни пораки. Не знам дали американскиот народ знае, дека по нашата независнот од југословенската федерација, ние имавме стратегиска цел да станеме членка на НАТО и на ЕУ. Пред да влеземе во НАТО, го сменивме знамето, валутата, Уставот и нашето име, бидејќи некои од нашите соседи станаа членки на НАТО пред нас и го злоупотребија правото на вето за да решаваат билатерални спорови. Што е тоа ако не мешање во внатрешните работи?, изјави премиерот Мицкоски.
Македонскиот премиер додаде дека Македонија е усогласена со новата администрација на САД и по едно друго прашање – справувањето со миграцијата.
-Ние сме вратата на југоисточна Европа, и сме значајни по едно прашање кое беше актуелно пред неколку години, а сега е поврзано со политиката на претседателот Трамп кон миграцијата. Ние бевме на линијата на фронтот, се боревме против илегалната миграција и ја штитевме Европа од илегалните мигранти, изјави Мицкоски.
На геополитички план, премиерот Мицкоски ја истакна важноста на Македонија за транспортните и енергетските коридори во Балканот. Тој беше прашан за зголемувањето на кинеското влијание во изградбата на регионалната инфраструктура.
-Во право сте кога ја спомнувате таканаречената кинеска економска инвазија на овој дел на Европа. Ние сме под силен финансиски притисок од таа земја, но мојата земја е единствениот дел од сложувалката кој им недостасува. Ние сме природен крстопат на два важни коридори, 8 и 10. Практично двата коридори се сечат на територијата на мојата татковина. Бидејќи ние сме стратешки партнери со САД, јас сум многу заинтересиран да поканам што е можно повеќе инвеститори – американските бизнисмени се веќе присутни во мојата земја – и можат да бидат силна конкуренција на огромните азиски компании во регионот, изјави премиерот Мицкоски.
Тој ја отвори можноста и за американски инвестиции во енергетскиот сектор на Македонија, велејќи дека во тек е изградба на гасоводен интерконектор со Грција, кој ќе овозможи транспорт на американски гас кон пазарот на југоисточна Европа, како конкуренција за рускиот гас. Мицкоски воедно изјави дека Македонија веќе троши 2 проценти од своето БДП за одбрана, и дека тоа го смета како долна, а не горна граница, за што Мекфарланд оцени дека Македонија е еден од големите сојузници на САД.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.