Полицијата сè уште трага по возачот на автомобилот што вчера падна во Вардар
Од МВР утринава информираа дека вчеравечер во 21:05 часот екипи на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ од водите на Вардар го извлекле возилото марка „ауди“ во кое биле пронајдени три починати лица
Полицијата сè уште трага по уште едно лице од вчерашната сообраќајка кај село Рашче кога автомобил излета од патот и падна во Вардар. Се работи за четвртото лице што во моментот на несреќата се наоѓало во автомобилот, и кое, според исказите на роднините, го управувало возилото.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) утринава информираа дека вчеравечер во 21:05 часот екипи на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ од водите на Вардар го извлекле возилото марка „ауди“ во кое биле пронајдени три починати лица. Како што вчера информираа од ЦУК, се работи за три женски лица.
„МВР останува на местото на настанот сè до расчистување на случајот“, велат од Министерството.
Во автомобилот се наоѓало и 4-годишно дете кое излетало од возилото пред тоа да падне во реката. Од МВР соопштија дека детето било пронајдено од случајни минувачи кои го однеле на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, а оттаму е пренесено во Клиничкиот центар.
Во изјава за ТВ Сител од Клиниката за детска хирургија вчера информираа дека детето е во стабилна состојба, но поради начинот на кој настанале повредите тоа е задржано на опсервација.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.