Претера ДУИ со опасните лаги, уставните судии трпат закани и притисоци
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски изјави дека е исклучително корисно одржувањето на подготвителни седници и дека тоа е еден од начините на кои тие ја градат довербата и ги уверуваат граѓаните во нивната непристрасност и независност.
Најави дека подготвителната седница за Законот за употребата на јазиците најверојатно ќе се одржи во март откако Уставниот суд ќе го добие пријателскиот совет од Венецијанската комисија и ќе се усогласат термините со експертите што ќе треба да допатуваат во Скопје.
– Ќе ги судриме правните аргументи. Истото важи и за пријателскиот совет што е веќе побаран од Венецијанската комисија. Точно е дека од Венецијанската комисија ние имаме правно мислење за законот. Но, ние употребивме друга алатка – пријателски совет. Тоа може само уставните судови да го побараат во случај кога ќе утврдат некои спорни правни прашања, особено во доменот на меѓународните и европските стандарди – изјави Костадиновски во интервју за ТВ 21.
Претседателот на Уставниот суд очекува дека Венецијанската комисија ќе го донесе пријателскиот совет на мартовската сесија. Листата на учесници што би биле повикани на подготвителната седница на Уставниот суд би била направена до 24-25 декември.
– Откако ќе го направиме тоа, бидејќи сум во контакт со Венецијанската комисија, би сакал и нивните експерти да дојдат на подготвителната седница. Откако ќе ги утврдиме можните термини, секако ќе бидат некаде во март и штом го добијам пријателскиот совет, јас веднаш ќе ја свикам седницата – рече Костадиновски.
Тој е дециден дека тие како уставни судии немаат избор и мораат да одговорат на иницијативите.
– Ова не е прашање на желба – вели Костадиновски.
Уставниот суд, додаде тој, ќе донесе уставно втемелна одлука која ќе се базира на аргументи.
Претседателот на Уставниот суд вели дека уставните судии се изложени на закани и на политички притисок и оти крајно време е политичарите да ги тргнат рацете од судството, оти инаку нема да биде добро.
– Мислев да се пожалам до ЕУ за притисокот кој се врши врз Уставниот суд подолг временски период. Уставните судии се изложени на закани, па дури и на политички притисок. Како вам ви звучи кога некој ќе каже дека Уставниот суд сака дестабилзиација – рече Костадиновски.
Comments are closed.