Бојан Христовски може да биде директор на АНБ, изгласаа сите членови на антикорупциската комисија

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) констатира дека нема основа за постапување по пријавата за судир на интереси и корупција при именувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.

На денешната седница, ДКСК утврди дека Христовски ги исполнува условите за именување според Законот за АНБ, но истакна дека нема надлежност за директна експертиза на дел од документите, јавува МИА.

Според пријавите, постојат сомневања за законитоста на безбедносната проверка, валидноста на дипломата за високо образование, сертификатот за англиски јазик и работното искуство на Христовски. Подносителите бараа ДКСК да ги преземе сите потребни дејствија за утврдување на одговорност за корупција и судир на интереси.

Согласно образложанието, од ДКСК побарале и им биле доставени податоци од надлежните институции во кои утврдиле дека заради апликација од страна на апликантот до Владата биле доставени уверение за државјанство, уверение за завршени студии за високо образование седми степен, одлука за одбрана на магистерски труд, уверение за испити положени од прв циклус, доказ за работно искуство, доказ за познавање на англиски јазик како и изјави во однос дека нема забрани за вршење професија, ниту привремена мерка за вршење дејност, како и да изјава дека не е член на политичка партија и дека не му е утврдено постоење судир на интереси.

Според ДКСК, сите доставени податоци биле во насока на исполнување на критериумите.

Како што посочи членот Цвета Ристовска исполнет е условот за државјанство на државава, условот да нема државјанство на друга држава, како и условот за положени испити.

„Врз основа на сомнежите за валидноста на приложените документи, ДКСК постапувајќи по своите надлежности побара вонреден инспекциски надзор од Државниот просветен инспекторат во наведениот факултет со цел проверка на приложените уверенија и дипломи за стекнати 240, односно 180 кредити. ДПИ постапи и достави допис во кој се констатира дека нема неправилност во работењеото на универзитетот, односно приложените уверенија и дипломи се издадени во согласност со законски прописи“, рече таа, дополнувајќи дека ДКСК нема надлежност за директна експертиза на документите.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.