Анализа на „Нова Македонија“: Она што ќе се случи со Ахмети е повеќе од извесно, неизвесно е само – кога

Немирот на Ахмети во 2025 година може да биде дополнително зголемен по „вина“ и на комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ. Од јануари 2024 година со официјално писмо до македонската влада Дуња Мијатовиќ бара да се поништи амнестијата за хашките случаи и да се истражат досиејата што беа префрлени од Хашкиот трибунал во домашните судови. Станува збор за четирите хашки случаи „Водство на ОНА“, „Липковска брана“, „Гробница Непроштено“ и „Мавровски работници“, анализира „Нова Македонија“.

Неодамна лидерот на ДУИ доби штедра поддршка од лидерите на трите косовски опозициски партии, кои се обидуваат да ја потпрат „со кибритче“ разнишаната „кула од карти“ на Али Ахмети, анализира Свето Тоевски за „Нова Македонија“. Нешто слично стори и албанскиот премиер Рама, кој даде и „совет“ за Ахмети „да не паѓа како херој на албанскиот народ“, оти „ќе му треба и натаму на албанскиот народ на долгиот пат што претстои“… Сето ова се обиди забележани за некаква поддршка на Ахмети и неговата партиска врхушка, кои веќе јасно демаскирани, ги покажаа вистинското лице и целите што се обидуваа да ги постигнат во поновата македонска историја.

Неколку крупни точки околу кои гравитира извесниот пад на Ахмети

Политичката судбина на Али Ахмети и на ДУИ нема да зависи само од истрагите за основаните сомневања за сторени коруптивно-криминални активности. Политичката судбина на Али Ахмети и на ДУИ е тесно поврзана и со исходот од пресметката на косовската опозиција со актуелниот премиер Албин Курти на косовските парламентарни избори на 9 февруари 2025 година. Потоа, политичката судбина на Али Ахмети и на ДУИ е поврзана и со исходот на судирот меѓу опозицијата во Албанија со премиерот Еди Рама. А сигурно, политичката судбина на Али Ахмети и на ДУИ зависи и од скорашното активирање на македонските хашки случаи.
Едно е сѐ повеќе сигурно: Американците направија и повеќе од доволно со тоа што обезбедија несоборливи докази за својата администрација за одредени лица да бидат ставени на црната листа, тоа е доволен импулс за расветлување на нештата и работите да се развиваат многу поизвесно…
Во моментов главниот „камен околу вратот“ на Ахмети и неговите сопартијци во ДУИ се истрагите што ги водат македонските истражно-обвинителски органи околу сомневањата за сиот криминал и корупција сторени од функционери на ДУИ, од соработници на Ахмети, а можеби и од него самиот… Клучен момент во натамошната политичка судбина на Ахмети е и многу веројатната претпоставка дека неговото вистинско лице (досегашни поведенија, активности и натамошни намери што се и биле во спротивност со законите) е откриено и истражено од Американците. Убедлив предупредувачки индикатор за тоа е и ставањето на Артан Груби, неговата десна рака, на американската црна листа.

Првиот силен удар на Ахмети и на Груби им го зададоа „Огнените фракционери во ДУИ“

„Политичкото царство“ на Ахмети претрпе прв силен удар по расколот со „Огнената група“ – внатрешнофракционерската група, неформално предводена тогаш од Изет Меџити како потпретседател на ДУИ, а сегашен лидер на партијата Демократско движење, во рамките на коалицијата Вреди – членка на Владата на Македонија. „Огнените“ во рамките на ДУИ поправо тогаш нагласуваа дека не се во судир со Ахмети како лидер, туку директно со Артан Груби, кој „жареше и палеше“ во ДУИ со амин на „шефот“.
Сепак, најголемиот удар Ахмети и неговата партија го добија од Соединетите Американски Држави. Поради сите сомневања за „коруптивно-криминален багаж“, кои ги следеа и кои ги следат и натаму „интегративците“ од Мала Речица и нивниот лидер Ахмети, неизбежен е заклучокот дека тие им станаа „претежок товар“ на Американците, за да ги носат на своите „плеќи“, бидејќи „милитантите што беа култивирани во политичари, повторно се завртеа за 180 степени“.

Колку ќе биде (бес)корисна за Ахмети и ДУИ поддршката од косовските опозиционери и од Еди Рама?

Во овој момент Али Ахмети сѐ уште успева да се одржи на површината: во меѓувреме „во борбата за одбрана на правата на Албанците во Македонија“, како што е истакнато, Ахмети неодамна доби штедра поддршка од лидерите на трите косовски опозициски партии. Неодамна лидерот на ДУИ дури и од албанскиот премиер Рама доби „совет“ „да не паѓа како херој на албанскиот народ“, оти „ќе му треба и на албанскиот народ, на долгиот пат што претстои“. Врз политичката судбина на Али Ахмети ќе влијае најдиректно и исходот од пресметката на тамошната опозиција со актуелниот премиер Албин Курти на косовските парламентарни избори на 9 февруари 2025 година, но ќе влијае и исходот од судирот и меѓу опозицијата во Албанија со премиерот Рама, кој, исто како и Курти во Косово, не е многу „омилен“ во Албанија.

Ахмети најпрво во „политичка пензија“…

На средината на јануари 2022 година Али Ахмети имаше добиено торта, поради својот шеесет и трети роденден, а тортата заради обележување на „политичката симболика“ беше во облик на бројот 8. Ахмети, кој себеси се означуваше во повеќе пригоди во јавноста и на Фејсбук како „командант во војна – претседател во мир“, кој му имаше порачано на Димитар Ковачевски дека и него ќе го чека судбина на „пензионирање“ како македонски премиер од Ахмети по одредено време.
Тогаш и информативната агенција на албански јазик „Илирија-ИНА“ имаше објавено вест, во која, покрај другото, беше наведено: „На општествените мрежи се рашири фотографија во која на средината се наоѓа Али Ахмети, додека на помали фотографии околу неговата, од страните, со ‘x’ се поранешните премиери, кои беа на сцената во текот на изминатите 20 години: Бранко Црвенковски, Хари Костов, Владо Бучковски, Радмила Шекеринска (иако таа беше само привремено на таа позиција по службена должност како заменик-премиер и не беше изгласана во Собранието како премиер), Никола Груевски, Емил Димитриев, Зоран Заев и Оливер Спасовски“.
Сега на Али Ахмети му се случува „политички земјотрес“ од 9 „македонски рихтери“. Сѐ поголеми се можностите наместо „командант во војна – претседател во мир“, Али Ахмети за првпат да стане „командант во војна – политички пензионер во немир поради истраги“…

Ќе се соочи ли Ахмети со барањето на Советот на Европа за активирање на хашките предмети во македонските судови?

Немирот на Ахмети во 2025 година може да биде дополнително зголемен по „вина“ и на комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ. Од јануари 2024 година со официјално писмо до македонската влада Дуња Мијатовиќ бара да се поништи амнестијата за хашките случаи и да се истражат досиејата што беа префрлени од Хашкиот трибунал во домашните судови. Станува збор за четирите хашки случаи „Водство на ОНА“, „Липковска брана“, „Гробница Непроштено“ и „Мавровски работници“. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ во 2012 година со гласање за автентично толкување на Законот за амнестија од 2002 година одлучија да престане кривичното гонење на одговорните за четирите случаи.
„Да се отповика автентичното толкување од 2012 година на Законот за амнестија од 2002 година и да се истражат досиејата што беа трансферирани од Хашкиот трибунал на домашните судови“, се наведува во препораките на Мијатовиќ во споменатото писмо до македонската влада. „Без цврсто осудување на злосторствата од минатото не може да се гради мирно демократско општество“,предупреди Дуња Мијатовиќ и останува да се види дали и како се одрази врз позицијата на Ахмети нејзиното барање за процесирање на хашките предмети и, како што посочи Мијатовиќ, „злосторствата од минатото“.

Свето Тоевски за „НОВА МАКЕДОНИЈА“ (ЛИНК ДО ОРИГИНАЛНИОТ НАПИС)

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.