Филипче смета дека со неговото доаѓање на чело на СДСМ запрел падот на рејтингот на партијата
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за „Сител“ рече дека со неговото стапување на функцијата претседател на партијата, СДСМ забележала прекин на падот во рејтингот и дека започнала значајна консолидација.
„Слободно можам да кажам дека веќе на почетокот на мојот мандат како претседател на партија запре падот во рејтингот во партијата и започна консолидација,“ рече Филипче.
Тој посочи дека секојдневно остварува бројни средби со членови и симпатизери на партијата низ целата држава, што придонело кон започнување на процесите за избор на ново раководство на СДСМ.
„Ги започнавме веднаш и формалните процеси за да се постави партиското раководство, односно изборните конференции по општинските организации за да се изберат новите делегати на конгресот и новите членови на централниот одбор,“ додаде Филипче, истакнувајќи дека овие процеси треба да завршат до крајот на неделата.
Еден од најзначајните аспекти, според Филипче, е давање глас на секој член на партијата. Според него, позитивниот фидбек од членството покажува дека партијата се консолидира и повторно се враќа на патот на обединување и стабилизација.
Со новите делегати кои ќе бидат избрани до крајот на неделата, партијата ќе го организира новиот Kонгрес на почетокот на ноември, на кој ќе биде избран новиот Централен одбор, од кој понатаму ќе потекнува целокупното ново раководство на СДСМ.