Бугарија преку партијата Преродба бара ЕУ да искаже осуда за македонски политичари

Костадин Костадинов, претседател на крајно десничарската партија Преродба денеска, како што имаше најавено минатата недела, поднесе во бугарскиот парламент декларацијата со која се бара Европската Унија и Европската Комисија да ги осудат, како што се вели во документот, навредите искажани од политичари од Северна Македонија, кој Бугарија и бугарски политичари.

Поводот, или провокацијата, за декларацијата за Костадинов и неговата партија беа изјавите на македонскиот вицепремиер Александар Николовски, кој искажал, како што се наведува, навредливи квалификации со кои „Бугарите ги нарекува недостојни, мизерни и нецивилизирани“, а бугарските политичари „маргиналци и корумпирани“.

Во декларацијата пишува дека причините за усвојување на неговиот предлог е „систематското и методично уништување на дијалогот меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија и провокативните и навредливи изјави кон Бугарија од страна на владејачките политички фактори во Република Северна Македонија“.

И покрај усвоениот француски предлог, наведува Костадинов во декларацијата, постои опасност преговарачкиот процес за проширување на ЕУ повторно да биде во застој поради едностраното неисполнување на обврските и роковите од страна на Република Северна Македонија.

Тој инсистира на прецизно разгледување на сите аспекти околу можното одвојување на Албанија од Македонија во преговарачкиот процес за членство во ЕУ што очигледно, како што вели, ќе придонесе за побрза интеграција на Албанија, а „на Северна Македонија истовремено би ѝ овозможило да избегне ескалација на политичката тензија поради потребата да се израмни со брзината на Албанија“.

Костадин Костанинов и неговата радикална партија сметаат дека Македонија се отргнува, како што вели, од заедничката историја и тоа, според него, е навреда за Бугарија.

„Тоа претставува директно кршење на Договорот за добрососедство од страна на функционери на владата на Северна Македонија“, се вели во декларацијата и се додава дека бугарската држава изразила волја за заедничко чествување на историски личности и настани од богатата заедничка историја на двете држави.

Во таа декларација се повикува и македонската Влада на одговорен пристап за завршување на изградбата Коридорот 8 од македонска страна.

Костадинов смета дека треба да запрат во Македонија антибугарската кампања и провокативните изјави кон Бугарија.

Инаку, Костадинов се разгневил поради изјавите на македонскиот вицепремиер Александар Николоски по скандалот во Софија кога бугарскиот претседател Румен Радев ја прими македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова и организираше фото-сесија пред бугарското знаме, а не беше истакнато македонското државно знаме. За Николоски тоа беше не само навредлив чин, туку и чин со големобугарска порака. Потоа, по серијата вербални напади од бугарска страна поради неговите изјави, Николоски возврати дека станува збор за бугарски неуспешни и корумпирани политичари од кризното бугарско општество.

Што се однесува до бугарскиот радикал Костадин Костадинов, за него е во сила забраната за влез во Македонија поради инцидентите кои пропагандистички од големобугарски позиции ги има правено во центарот на Скопје.