Поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани избегал од куќен притвор, НЕКОЈ ОД СУДОТ МУ ЈАВИЛ ДЕКА ЌЕ ГО НОСАТ ВО ШУТКА

Поранешниот војник на ОВК, Блерим Рамадани денеска избега од куќен притвор од домот на роднини во Македонија, дознава СДК.МК.

По жалба на Обвинителството, како што дознава порталот, тројца судии од кривичен совет му одредиле на Рамадани ефективен притвор од 30 дена поради опасност да избега, а потоа некој од таму му дојавил дека ќе се враќа во „Шутка“, па Рамадани го искористил моментот за да избега од Македонија.

Рамадани беше уапсен на 17 јули 2024 на граничниот премин Јажинце, по потерница од Србија поради сомнежи за злосторства во војната на Косово пред 25 години, и однесен на 30 дена екстрадиционен притвор во затворот во Шутка.

Од МВР во изјава за „360 степени“ денеска ја потврдија информацијата дека од куќен притвор побегнал поранешниот војник на ОВК Блерим Рамадани од Косово, за кого Република Србија има распишано потерница и бара екстрадиција. Како што информираат од полицијата, по него ќе биде распишана централна потерница.

„Од страна на надлежен судски орган доставена е документација до МВР за распишување на централна потерница за лицето Б.Р. бидејќи во моментов е недостапно за органите на прогонот. МВР презема мерки за пронаоѓање на лицето“, велат од МВР.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.