Трагедија: Почина планинар кај Маврово, од провалија бил извлечен со хеликоптер на МВР
Центарот за управување со кризи (ЦУК) попладнево информира дека планинар кој паднал во провалија се здобил со тешки повреди на главата, тим „тигри“ го извлекле од местото на несреќата, со хеликоптер бил пренесен до ГОБ “8-ми Септември” каде е констатирана смрт.
Денеска околу 12.30 часот на бројот за итни повици 112 во ЦУК вознемирен планинар пријавил дека едно лице од седумчлената планинарска група паднало во провалија длабока педесетина метри.
При падот се здобило со сериозни повреди на главата, крвари од главата и е во несвесна состојба.
Несреќата се случила на територијата на Општина Маврово-Ростуше, пред изворот на Тресонечка Река во близина на месноста „Раскрсницата“. Теренот е непристапен за возила поради што Итната медицинска помош не била во можност да се упати кон местото на настанот.
Од страна на ЦУК веднаш е упатено барање за ангажман на хеликоптер на МВР, а од нивна страна дополнително е ангажиран тим од Специјалната антитерористичка единица (САЕ) „Тигар“, за извлекување на настраданото лице, качување во хеликоптер како и транспорт до болница.
Повреденото лице кое не давало знаци на живот, во многу тешки услови за лебдење на хеликоптерот, со силен ветер, високи дрвја и стрмни падини на местото на несреќата, со придружба на специјалец од “САЕ Тигар”, е качено во полицискиот хеликоптер и пренесено до ГОБ “8-ми Септември” во Скопје, каде од страна на докторите е констатирана смрт, информираат од ЦУК.