Фатен, па ослободен ексразузнавачот и бегалец Горан Грујевски

Екс началникот на Петата управа во УБК и бегалец Горан Грујевски вчера бил уапсен во Загреб по распишана меѓународна потерница од македонските власти, но денеска е пуштен на слобода. Хравсткото МВР и Интерпол доставило информација до МВР вчера за приведувањето, како и последната информација од утрово дека тој е пуштен на слобода поради фактот што му бил одобрен азил во Грција.

Грујевски и неговиот колега Никола Бошковски, ву јуни 2017 година побегнаа од Македонија во Грција откако беа обвинети  во судскиот процес „Таргет Тврдина“, поврзан со нелегалното масовно прислушување.

Грујевски беше обвинет и во случајот „Тврдина 2“, за незаконско палење документи на ДСК, доказите за нелегалното прислушување, но и во случајот „Арка“ заедно со Сашо Мијалков и Небојша Стајковиќ за нелегално снабдување со опрема за прислушување од Велика Британија.

Горан Грујевски е во бегство од 26 јули 2017 година кога требаше да оди во притвор, но полицијата не го најде дома. Тој и Бошковски избегаа  по донесувањето на решението за притвор од Апелациониот суд . Наместо да ги испрати во Шутка, судот им даде рок од една недела да се жалат до Врховниот суд што тие го искористија за да избегаат од земјава.

Грујевски и Бошковски, беа уапсени на 18 октомври 2017 година на аеродромот во Солун со лажни бугарски пасоши, под имињата Неџби Хасан и Христо Атанасов. Во меѓувреме и двајцата побараа политички азил во Грција.