СЕЛИМ АДЕМИ И ХАНИФ ЗЕНДЕЛИ ОД СУДСКИОТ СОВЕТ НЕ ГИ ДАВААТ КЛУЧЕВИТЕ ОД СЛУЖБЕНОТО „АУДИ“ КОЕ ГО КОРИСТАТ НЕЗАКОНСКИ СО ГОДИНИ
Членот на Судскиот совет Селим Адеми и актуелниот потпретседател Ханиф Зендели немаат намера да го вратат и да се откажат од службеното „ауди“ кое незаконски го користат за одење дома во Тетово и назад на работа во Скопје секој ден.
Поради тоа, претседателката на Судскиот совет Весна Дамева на 22 февруари донела одлука службените коли „ауди“, „опел астра“ и „голф“, по завршување на работното време и на работните обврски, задолжително да се остават на паркингот или во гаражата на Судскиот совет. И по работното време да се остават клучевите од трите службени возила во Судскиот совет.
„Корисниците на службените возила при нивното користење во текот на работното време, да посветат особено внимание при употреба и користење на возилата, а тоа да е исклучиво и единствено за службени потреби. За користење на службените возила, согласност дава претседателот на Судскиот совет“, изрично стои во одлуката.
Претходно, ова „ауди“ скоро 10 години секој ден го земаше за свои приватни потреби Селим Адеми, како потпретседател на Советот. Возило и возач во Судскиот совет му следува само на претседателот, а останатите три службени возила се за посета и контрола на судови, за службени настани и други потреби поврзани со работата на членовите на Советот, но само во работно време. Но, со години со службено возило Адеми, а потоа и Зендели, двајцата од Тетово, се возат до Скопје и Тетово секој ден, место со приватни коли.
Регистрацијата и амортизацијата на оваа лимузина паѓаат на товар на Судскиот совет, односно на товар на буџетот односно на граѓаните.
По распишувањето на претседателските и парламентарните избори пред две недели, има дополнителни строги правила за користење на државните ресурси, а особено за службените коли и секаква злоупотреба е забранета, односно заштитена со кривична одговорност. Согласно тие законски обврски раководителите на државните институции мора да ја известат Антикорупциската комисија, во спротивно тие ќе одговараат.
Дали Адеми и Зендели ја почитуваат одлуката и дали ги оставиле конечно клучевите на маса, не успеавме да добиеме одговор од Судскиот совет.
Дознаваме дека во ДКСК веќе стигнал допис за бројот и марката на службени возила со кои располага Судскиот совет, согласно законската обврска на сите државни институции пред изборите, но за злоупотребата на „аудито“, не е познато дали стасала посебна претставка.
Извор: СДК