За македонштината, националната свест и нејзиното константно уништување

“Кај нас во моментов тоа што досега сум го постигнал работи против мене. Досегашниот мој успех и квалитетот на тоа што го нудам се минус. Веројатно затоа што на некои луѓе им го нарушувам владеењето на медиокритетството. Значи, со резултати покажувам дека може и од тука да излезат дела кои ќе бидат вреднувани меѓународно и коишто и за нашата заедница нешто ќе значат“

Ова е само еден мал дел од интервјуто кој режисерот Милчо Манчевски го имаше за ТВ емисијата Трилинг пред три месеци.

Секој ќе си помисли дека човек со импозантна бројка на дела зад себе, сценарист и кинорежисер на 6 филма, од кои „Пред дождот“ (1994) – првиот македонски филм кој е номиниран за Оскар, и над шеесет краткометражни филмови кои доживуваат огромен меѓународен успех, човек кому Република Македонија му ја има доделено титулата Амбасадор на културата на Република Македонија, човек кој е прогласен за Национален Уметник на Република Македонија, ќе биде вреднуван достојно.

Но, благодарение на малите луѓе (мали и ситни по душа), луѓе без ронка срам, без никаква чест и образ, овој македонски национален уметник е блокиран од сите страни.

Што се случува? Агенција за филм е пријавена за коруптивност пред 4 години заради местени конкурси, незаконски исплати (крадење), судир на интереси. „Банана филм“ тужи, тврдејќи дека Агенцијата постапува незаконски во однос на филм кој е веќе одобрен од самата Агенција, прифатен, завршен и дистрибуиран по цел свет, но и во однос на нов проект кој веќе ги поминал сите филтри на самата Агенција.

Имено, Агенцијата ги стопира исплатите за веќе одамна завршениот филм „Кајмак“ во продукција на „Банана филм“ и во режија на Милчо Манчевски, а го стопира и потпишувањето на пред-договорот за филмот “Биста“ („Збогум, Копакабано!“) кој има добиено поддршка на конкурс на Агенцијата. Зошто? Затоа што Манчевски јавно им ги кажа коруптивните дела, затоа што ги тужеше, затоа што директорот на Агенцијата, Бојан Лазаревски, претседателот на управниот одбор на Агенцијата за филм Игор Шокаровски дрско и самоволно постапуваат – тоа го потврдија и Антикорупциска комисија, Државниот завод за ревизија, Транспаренси интернешнл, инспекција на Министерството за култура.

Комисијата за заштита на конкуренција отвори постапка против Агенцијата за филм и приватното здружение ДФРМ за испитување на забранета државна поддршка. Допис за доставување на целокупната документација е доставен до Министерството за култура. Според наоди на Државниот завод за ревизија, но и на самото Министерство за култура, Агенцијата незаконски му исплатила на приватното здружение над 120.000 евра!!!

После негативниот извештај на Државниот завод за ревизија за работата на Агенцијата за филм и ДФРМ, свој случај за работата на Агенцијата и на ДФРМ отвори и Антикорупциската комисија.

Инаку, учеството на македонската држава во досегашните проекти на Манчевски е 28%, а странското учество е 72% на филмовите работени во македонска копродукција. Под странско учество се подразбира учество од странски фондови од Велика Британија, Франција, Германија, Италија Шпанија,  Бугарија,  Унгарија, Холандија, Данска, Белгија, Албанија. Само една четвртина од вложените пари во шесте филма на Манчевски доаѓа од Македонија преку министерството за култура, Агенцијата за филм и Филмски фонд.

Министерке Бисера Костадиновска – Стојчевска, Директоре на Агенцијата за Филм Бојан Лазаревски, Претседателе на Управниот Одбор на Агенцијата за филм Игор Шокаровски, вреди и треба да се поддржат нови проекти во културата, тоа е несомнено.

Но дали вреди ситнопартиските интереси да се ставаат над националните? Зошто уметник како Манчевски е маргинализиран во сопствената држава, човек кој создава вредни уметнички дела кои се гледани од народот, кој ја претставува македонската култура во светот???

Ќе престанете ли со небулозниот прилив на средства, одобрени токму од Минитерството за култура (читај: Бисера Костадиновска – Стојчевска) за поддршка на разноразни пеачи и фестивалчиња за претставници на вашиот коалициски партнер? Или сте уценети со фотељата која како да се залепила за вас???

И за крај, како што во еден од своите постови на фејсбук прашува Манчевски: Каде се доделените €3.500.000 (со зборови: три и пол милиони евра) за 2023 година за филмови, а ниту еден снимен филм???