Годинава уште 50 милиони евра за автопатот Кичево – Охрид

Годинава ќе се потрошат, односно ќе се позајмат уште 50 милиони евра од кинеската Ексим Банка за доизградба на автопатот Кичево – Охрид, пишува во објавената програма на Јавното претпријатие „Државни патишта“ за 2024, објави Фактор.

Како што се додава „кредит од Ексим Банка во износ од 3.100.000.000 денари за финансирање на изградба на автопат Кичево – Охрид“, пишува во документот во кој се предвидени сите трошоци на јавното претпријатие до крајот на оваа година.

Владата пред крајот на минатата година ангажираше ФИДИК експерт кој требаше да каже дали да се менува нешто во начинот на финансирање и доизградба на автопатот Кичево – Охрид, но на крајот одлучи да почнат преговори со постојаниот изведувачот за склучување анекс на договор за да се продолжи рокот за изведба, со искористување на веќе обезбедените финансиски средства.

Досега е потрошено цело богатство за автопатот Кичево – Охрид од 56,7 километри, финансирано од кинеската „Ексим Банка“. Извештајот за работата на ЈПДП за 2022 покажа дека до крајот на предминатата година веќе биле потрошени околу 450 милиони евра.

„Вкупно реализирано 447.383.985 евра (заклучно со 62-та ситуација), што изнесува 66 отсто во однос на 598.074.670 евра“, запишано е во отчетот на јавното претпријатие.